Заев: За ретроградните нема место во новата влада

Фото: Б. Грданоски

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервјуто за хрватски  „Национал“ оценува дека СДСМ има убедливо најголем коалициски потенцијал, но дека во новата влада нема место за партиите со конфликтни и ретроградни идеи и позиции.

-Мандатот за формирање нова Влада е кај СДСМ и коалицијата „Можеме“. Веднаш по празникот Илинден кој е на 2 август, влегуваме во процес на преговори за идно коалицирање и формирање состав на Влада. Со политиките кои ги водиме и со чесниот и одговорен однос, СДСМ има убедливо најголем капацитет за коалицирање. ВМРО-ДПМНЕ е поразена партија која демонстрира политики кои се спротивни од севкупниот демократски амбиент и од демократскиот правец кон кој неповратно се движи државата, рече Заев.

Истакнува дека СДСМ е голема, широкограда и отворена партија и ќе разговараат за коалицирање со сите партии кои се подготвени да го прифатат европскиот, демократскиот, слободарскиот, напредниот, концептот и патот што Северна Македонија го оди како земја членка на НАТО.

-Структурите кои заговараат идеи различни од демократскиот и европскиот концепт, не може да бидат дел од идната владејачка коалиција водена од СДСМ, бидејќи таквите конфликтни и ретроградни опции или се поразени или се маргинални, вели Заев за хрватскиот неделник „Национал“.