Заев за Охридскиот договор: Градиме зрели политики место конфликти
Одбележуваме значајна годишнина од договорот со кој беше обезбедена мирната иднина и натамошна демократска изградба на Северна Македонија со еднакво учество на сите нејзини етнички заедници. Договорот ги постави темелите врз основа на кои ние како новоформирана влада во 2017 година го градиме нашето заедничко – едно и еднакво општество, вклучувајќи ги и почитувајќи ги подеднакво сите етнички идентитети и интереси на сите граѓани кои живеат овде, порача премиерот Зоран Заев на обраќањето на конференцијата „По Охрид“ по повод 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор.
После Охрид, нагласи Заев, нашата земја гради зрели политики, и наместо конфликти разговараме за економски напредок во нашата земја и унапредување на добрососедските односи, а заедно со нашите соседи создаваме Отворен Балкан.
– По Охрид сите заедно, без разлика на нашата етничка, национална, верска, социјална и културна припадност изградивме едно еднакво општество каде секој може да најде просперитет и подобра иднина. Драго ми е, што после 20 години дискутираме за сите овие придобивки. Една од наважните придобивки е дека низ дијалог си го организираме животот, заедно посветени на секоја индивидува, семејство и граѓанин, изјави Заев.
Во 2017 година, нагласи Заев, наш приоритет беше да му дадеме живот на Договорот и го донесе законот за употребата на јазиците, со што се заокружија одредбите од Охридскиот рамковен договор.
– Охридскиот Договор стави крај на конфликтот, кој за жал понесе и жртви, но од оваа дистанца можеме слободно да кажеме дека е гаранција на мирот, кој подоцна го надградивме и унапредивме, создавајќи заеднициа во која граѓаните имаат соживот и меѓусебно почитување и толеранција. Заедница во која граѓаните имаат исти или слични визии за подобро утре. Северна Македонија е прекрасен мозаик од етнички и други заедници и различности, истакна претседателот на Владата.
Охридскиот рамковен договор, нагласи Заев, ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други сограѓани.
– Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани во заедничка ни татковина. Како држава ги презедовме сите неопхподни мерки за градење интегрирано опшество кое е цврсто базирано на владеење на правото, заштита на човековите права, почитување на различностите и се развиваме во заедница во која шансите се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ, порача Заев.
Создадовме граѓанска држава, посочи тој, со еднакви услови за сите кои живеат во неа.
– Македоцни, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор се совпаѓа и со 30-годишнината од независноста на нашата земја и 80-годишнината од народното востание и 20-годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како наш прв чекор кон остварување на нашата заедничка цел за членство во ЕУ, изјави Заев.
Сите заедници, додаде, треба да бидеме горди дека претставуваме позитивен пример од кој другите учат.
– Испорачувачи на мир, урнек по кој многу други земји и региони, не само на Балканот и Европа, туку и во светот може да учат. И си земам за право да оставам аманет, да си го чуваме она што заедно сме го постигнале овие 20 години и да бидеме благодарни на современиот свет од кој многу учиме и кој многу ни помага. Тоа е западниот свет кој бил тука и пред 20 години и денес е тука, како наша поддршка. Пред се, нашите стратешки партнери САД и ЕУ, истакна Заев.