Заев: За мене Кики и Фрики не постојат, нема да коментирам за некои псевдоними


Фото: Б. Грданоски

Декларацијата донесена на вчерашната седница на ЦО на СДСМ за борба против криминалот и корупцијата не алудира на никаков случај, туку е верификација на борбата против криминалот и корупцијата, вели премиерот Зоран Заев.

– Не алудиравме на никаков случај. Јас го коментирав овој случај и во Парламентот. Ја знам целата вистина, не е мое да се мешам, ниту на СДСМ, ниту на ЦО, ниту на кој било. Ова е само уште еднаш преку декларација да ја верифицираме нашата недвосмислена и бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата дека охрабруваме институциите без разлика за кој се однесува, дали е тоа власта, опозицијата, граѓани, бизнисмени, работници.. секој што се огрешил пред законот треба да одговара, рече Заев на прес-конференција во Владата на која го претстави законското решение за Јавното обвинителство на новинарско прашање дали декларацијата се однесува на случајот „Рекет“ и дека наводно вмешаните лица нема да може да се надеват на партиска заштита.

Борбата против криминалот и корупцијата, рече, не е само наш бенчмарк за евроитеграциите, туку е нешто кое носи живот, вредности во државата и е од клучно значење за напредокот, за економскиот раст, за нови работни места.

– Пораката е почитувани истражители, обвинители и судии, не ви требааат политичарите, влијателните луѓе. Вие имате јавни овластувања, носете одлуки онака како што пропишува законот, Уставот и сопственото убедување. Мораме владеењето на правото да го вратиме во државата…. Тој што се огрешил треба да си ја отслужи казната. Затоа треба да си го средиме системот оти сакаме децата да ни останат тука, рече Заев.

Тој нагласи дека за него не постојат ликови како „Кики“ и „Фрики“ и оти кога новинарите ќе излезат со конкретно име и презиме јавно, тогаш ќе може да коментира.

– За мене Кики и Фрики не постојат. Повелете секој да го истакнете ако има сомневање, ќе ви дадат истражните органи дали има истраги или не и секако секој ќе си носи одговорност. Разбирам дека истражувачкото новинарство е креативно, но и дека е потребна храброст. Апелирам за истражувачко новинарство, само така ќе може да си ја средиме државата. Секаде каде има шпекулации тие нанесуваат нарушување на честа и угледот на луѓе. Јас тоа нема да го дозволам да навлезам во коментари за некои псевдоними, рече Заев.