Заев: За формирање влада ќе разговараме и со ДУИ ако се откаже од уцената

Изборите се идната среда, а лидерот на СДСМ, Зоран Заев, веќе ги прави подготовките за идната владина коалиција, затоа што бил убеден во победата на 15 јули. Тој во интервју за МИА вели дека дури и СДСМ да освоел 61 пратеник владата ќе мора да била коалициска заради застапеноста на етничките заедници.

„Ако народот одлучи да ни даде таква одговорност ние ќе влеземе во коалиција, во разговори, сите опции се отворени, дури и ДУИ ако го тргне условот (премиер Албанец н.з.), ние немаме проблем да разговараме. Алијанса и Алтернатива и тоа како се дел од нашата комуникација. Заедно ги гласавме дел од реформите,уставните промени, Законот за ЈО и верувам дека имаме најмалку минимум соработка за да може да градиме заедничка платформа, владина програма за во иднина за да успееме како коалиција, а секако и постојат и опции помеѓу другите пратеници коишто ќе бидат избрани во Собранието“.

Во одговор на друго прашање Заев го нарече проектот на ДУИ за премиер Албанец „комплетно популистичка политичка стратегија, нацоналпопулистичка заради тоа што пораката е националистичка, нешто што беше присутно во времето на Груевски и Али  Ахмети. Тоа време е минато. Јас сум Зоран Заев и мојот СДСМ е основач на концептот едно општество за сите“, рече лидерот на СДСМ. „Граѓаните се тие коишто одлучуваат кој ќе биде пратеник во парламентот, кој ќе биде министер, кој ќе биде премиер, кој ќе биде претседател на државата итн. И тоа не смееме повеќе да го дозволиме, значи да имаме националистички поделби во нашата земја. Затоа рековме здраво е ДУИ после 17 години да премине во опозиција“, уште еднаш ги повтори Заев своите ставови околу предлогот на ДУИ.

Тој одговори и како била постигната коалицијата со Беса. „Со Беса имавме разговори три недели речиси секој ден по неколку часа додека ги усогласиме сите ставови, политички и програмски определби. Денеска имаме заедничка програма, којашто се вика ‘Можеме’ и таму зборуваме за сите вредности. Прв услов беше да го заборавиме национализмот, да ја промовираме еднаквоста во општеството, борбата за секој и неговите права, комплетно се работи за млади луѓе, кои се комплетно растоварени“, вели Зоран Заев во интервју за МИА.