Заев за ДПМ: Писателите и нивните дела даваат придонес за растежот на македонската литература


Во изминатите неполни осум децении, над 500 писатели и нивните дела, преку нивните книжевни вредности, на македонски и на другите јазици на кои пишуваат и говорат членовите на ДПМ, го дадоа, и сѐ уште го даваат, својот значаен придонес за растежот на македонската литература и се изборија за сопствено и автентично место во европската и светската литература, напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил по повод одбележувањето 74 години од постоењето на Друштвото на писатели на Македонија.

– Друштвото на писатели на Македонија денеска одбележува 74 години од своето основање. На 13 февруари 1947 година, осум писатели: Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов, поставија уште еден камен темелник за културниот развој и афирмација на македонската држава. За прв претседател на ДПМ е избран Блаже Конески. Во изминатите неполни 8 децении, над 500 писатели и нивните дела, преку нивните книжевни вредности, на македонски и на другите јазици на кои пишуваат и говорат членовите на ДПМ, го дадоа, и сѐ уште го даваат, својот значаен придонес за растежот на македонската литература и се изборија за сопствено и автентично место во европската и светската литература, напиша Заев.
 
Друштвото на писатели на Македонија во текот на 2021 година, посочува тој, во рамки на Националната програма за одбележување на 100 години од раѓањето на Блаже Конески, ќе организираат повеќе манифестации во чест првиот претседател на писателската организација. Конески, вели Заев, како една од најблескавите творечки вертикали на македонската наука, литература и култура, заедно со своите современици – основачи на ДПМ, ги постави првичните насоки за работата на Друштвото на писатели на Македонија.