Заев за 27 април: Се плашев за својот живот


Премиерот Зоран Заев сведочеше во случајот поврзан со настаните од 27-ми април во Собранието,и рече дека како никогаш дотогаш стравувал дека ќе го загуби животот.

„Имав страв дека ќе ми заврши животот“, рече Заев.

Заев сведочеше во случајот против обвинетиот Илија Петрушевски, вработен во државна служба, во затворот во Идризово. Тој на тоа место работел и во времето на насилството во Собранието, а работи и сега.

„Им се извинувам на премиерот и на сите загрозени во Собранието на 27-ми април. Бев изманипулиран, јас не удирав, таму бев само неколку минути. Имам две малолетни деца премиере“, изјави Илија Петрушевски обвинет за грубо насилство и веќе осуден за нанесување на тешка телесна повреда.

Заев му порача дека тој лично нема да бара отштета од него, но му порача на Петрушевски дека таа вечер на 27-ми април 2017-та година можеле и други деца да останат без својот родител.

Петрушевски е обвинет за насилство сторено во Собранието, за време на крвавиот четврток во 2017.