Заев, Вучиќ и Рама од Охрид: Ова не е нова Југославија или Голема Албанија, носиме подобар живот на Балканот


  • Поминување на границите само со лична карта, брзи ленти за камионите и меѓусебно признавање на дипломите се само дел од мерките превидени во декларацијата што во Охрид ја договорија Заев, Вучиќ и Рама.

Тие ги повикаа и останатите држави од Западен Балкан да се приклучат кон оваа иницијатива и заеднички да изградат еден поинаков регион кој ќе биде подобро место за живеење и значаен фактор во Европа.

Лидерите учесници на оваа средба која се одржа во Охрид, сметаат дека самата иницијатива не е и не треба да се гледа како алтернатива на членството на државите од регионот во ЕУ, туку како активност што е во согласност со европските критериуми, со евроинтегративните процеси, а во насока на подобрување на севкупната соработка на државите од Западен Балан. Според нив, тоа е иницијатива смислена за да придонесе за полесно движење на луѓе, размена на стоки, бизнис идеи, капитал, а се со цел подобрување на животот на луѓето во овој дел од Европа.

Иницијативата позната како Мал Шенген, не е идеја за создавање на нова Југославија, туку идеја за создавање на поразличен Балкан од тој кој го познаваме, порачаа лидерите од Охрид, каде ги договорија приоритетите за реализацијата на оваа иницијатива. Македонскиот премиер, кој беше домаќин на Самитот истакна дека регионот се менува кон подобро место за живеење и сака да стане позначаен фактор на европскиот континент.

„Овие одлуки се сон на нашите граѓани, создаваме модерен Балкан. Со ова наше заедничко здружување ќе предизвикаме внимание и кај европските лидери. Акциониот план предвидува 24 часа да работат граничните премини, брза лента за камионите со стока, минување на границите со лични картиЈас навистина се надевам дека сите учесници во овој процес ќе го прегрнат овој акциски план и оваа иницијатива затоа што носи добро за целиот Балкан но и не факторизира уште повеќе пред западно-европските земји каде сакаме да се приклучиме. Уште еднаш напоменувам дека сето тоа што го правиме, за првпат е иницијатива од нас самите, која може да биде само дополнително додавање вредност на она што европските институции го работеа со сите нас, да го подобриме животот и перспективите на овој дел од европските континент“, изјави Зоран Заев.

Вучиќ се осврна и на фактот дека тој добива многу критики, пред се од српската опозиција, дека работи за создавање на нова Југославија, или пак Голема Албанија.

„Направивме нешто што е голема работа и многу луѓе не го разбираат она што го работиме бидејќи гледам дека Рама е под притисок, а мене во текот на изборна кампања моите политички противници ме обвинуваа дека со изградбата на автопатот Куршумија – Ниш- Прокупље – Приштина јас правам пат за Голема Албанија. Можеби ова некој ќе се обиде да ни го уништи, можеби ќе ни пропадне, но ова секако ќе биде иднина. Тука нема никакви Југославии, тука има само подобар живот на нашите граѓани. Амбиент на нормалност, а не амбиент на судири. Ќе можеме до крајот на оваа година да влегуваме во Албанија со лична карта а исто и Албанците во Србија. Ние ништо подобро не сме смислиле во изминатите 30 години и не гледам причина некој да биде против ваквата соработка. За само една и пол година сите ќе имаме поголем економски раст, анализите покажаа дека само ако на неколку гранични премини се применат овие одредби заштедите ќе бидат 12,9 милиони евра годишно. Сега транспортерите на домати нема по 96 часа да чекаат на граници“, изјави Александар Вучиќ.

Рама смета дека соработката меѓу земјите од Западен Балкан е иднината на регионот.

„Тоа е иницијатива која има за цел да се поттикне понатаму процесот. Нејзина карактеристика е дека таа доаѓа како внатрешна желба, а не како патронат однадвор. При мојата посета на Србија поминав во Прешево, каде им ветив на граѓаните на Прешево дека нивните дипломи ќе бидат признаени и ќе можат да работат во Црна Гора и во Албанија. Како се уште ова прашање треба да се подобри? Не треба да се навраќаме на старите работи туку да работиме со нов дух. Тој што мисли дека ќе може да се потпира на патриотизмот е со краток рок, навистина греши. Добро е да бидеме заедно и да бидеме на иста маса “, изјави Еди Рама.

Иницијативата предвидува отстранување на сите препреки за слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал. На граничните премини, покрај заедничките царински контроли ќе има заедничка соработка на фитосанитарните контроли, а граѓаните во трите земји ќе патуваат само со лични карти од 2020 година. Ќе се овозможи отворен пазар, и пристап за бизнис иницијативи во целиот регион. Беше кажано дека ова на Македонија, Србија и Албанија во прв момент ќе им овозможи вкупна заштеда од 229 милиони евра и дека крајната цел е да се овозможи економски напредок на регионот и целосна негова демократска трансформација.