Заев: Врвот на епидемијата ќе биде од 15 до 20 април

Воведувањето вонредна состојба што го побара Владата ќе помогне за полесно справување со кризата со ширењето на коронавирусот, но и во справување со економските последици што ќе ги предизвика таа, смета претседателот на СДСМ Зоран Заев. Во ниту еден случај, потенцира тој, не значи дека воведувањето вонредна состојба ќе овозможи концентрација на моќ кај Владата бидејќи таа ќе носи уредби транспарентно и поврзани само со справувањето со кризата и со економските последици.

Воведувањето вонредна состојба, вели тој, ќе овозможи сите да бидат посериозни и поодговорни, да има ред и дисциплина, да се спроведуваат и почитуваат обврските од институциите, а тие да бидат уште поодговорни и професионални и кон граѓаните и кон сите правни субјекти.

-Вонредната состојба значи дека ќе работат сите дејности, како и досега доколку Владата со уредба со законска сила не затвори дејност или субјект. Ќе може да излегуваме да завршиме работа и да се вратиме на дома, а притоа да користиме заштитни ракавици и маска. Исто така, смеат да излегуваат и старите лица, но само ако тоа е крајно неоходно, истакна Заев.

Движењето, рече, ќе се забрани само ако има полициски час, а тоа само по себе не го носи воведување на вонредната состојба.

-Полициски час ќе има ако не ги почитуваме претходните мерки. Затоа граѓаните треба да бидат посериозни. Заштитувајќи се себе си, ги заштитуваме и другите. Секако Владата ќе може да носи уредби со законска сила само за заштита на граѓаните и спроведување на економски мерки за справување со економски последици, рече лидерот на СДСМ.

Одговарајќи на новинарско прашање за денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, дека Владата доцни со мерките и во која бара воведување вонредна состојба, Заев истакна дека тој има за цел само добивање политички поени.

-Вчера на лидерската средба кај претседателот за една минута одлучивме да ги одложиме изборите. Останатите саати се убедувавме зошто треба вонредна состојба или зошто кризна, за што се залагаше ВМРО-ДПМНЕ. Кога Владата побара од Парламентот, а тој го проследи до претседателот на државата барањето за воведување вонредна состојба министерот Чулев поита да се јави и Мицкоски да излезе на прес-конференција и да побара вонредна состојба. Овие аргументи требаше да се прифатат вчера, сега ова е само за политички калкулации. Владата не доцни, на време е и со мерки и одлуки, доцни Мицкоски, рече Заев.

Според Заев, проценките се дека врвот на епидемијата ќе биде од 15 до 20 април, додека врвот на економската криза од почетокот на април, поради што Владата брза да обезбеди пари од мешународниот пазар, бидејќи кога ќе побараат и другите земји, заемите ќе бидат многу поскапи.

– Тој (врвот на економската криза) ќе се случи и ќе расте и последиците ќе бидат големи. Тоа треба да го знаат граѓаните. Не ми е лесно да го соопштам тоа, но тие треба да знаат каква е состојбата. Ова се случува и во многу поразивените економии. Како што прави светот, правиме и ние. Допрва државата ќе развива економски мерки. Буџетот е ликвиден, државата е стабилна и растоварена од големи долгови и подготвена е да се справи со оваа многу тешка криза. Сите мора да бидеме солидарни, најмногу државата, буџетот, институциите и потоа сите. Ќе трпиме сите и колку порамномерно се распроделува толку полесно ќе се поднесе кризата, рече Заев.