Заев: Време е ЕУ да го исполни ветувањето


Лидерот на СДСМ и доскорешен премиер, Зоран Заев, го поздрави денес Извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата земја, но не коментираше кога Европскиот совет би можел да донесе одлука за почнување на преговорите за членство со Македонија.

„Не би си дозволил да коментирам. Тоа што го вети Европскиот  совет беше не подоцна од мај, пред европскиот самит за Западен Балкан во Загреб на 7 и 8 мај. Ние ќе чекаме, кога ќе бидат готови да ја донесат одлуката. Се надевам дека ќе го израдуваат нашиот народ час поскоро, а ние продолжуваме да работиме“, рече Заев одговарајќи на прашања на новинарите на прес конференцијата посветена на социјалните реформи на СДСМ во предизборната програма.

Тој повтори дека секогаш ја користи можноста да испрати порака до европските граѓани и до нивните лидери како и до Европската комисија која ја заврши работата, да го исполнат своето ветување.

„Тие ветија на нашата земја и на нашиот народ. Време е да го исполнат своето ветување. Уште еднаш напоменувам ние не очекуваме веднаш членство, ние очекуваме по 15 години одлука за добивање на датум за почеток на преговорите, отворање на претпристапните фондови и на поглавјата кои се групирани во кластери, каде што преку вистински реформи и трансформации ќе можеме да ги користиме огромните европски фондови кои ќе го креваат економскиот стандард“, рече Заев.

Тој нагласи дека за него е важно што народот, Собранието и Владата ги завршија своите обврски, што е верифицирано и во извештајот на Европската комисија кој ќе биде проследен до земјите членки.

„Тоа што зависи од нас е завршено и самиот извештај потврдува дека испративме сериозна порака дека продолжуваме на европскиот пат. Веројатно се мисли на Законот за јавно обвинителство и на останатите реформи кои што беа процесуирани преку законите за реформи во јавната администрација, продолжија со доекипирањето на АНБ, на ОТА, на безбедносните служби, а веќе во Парламентот е законот за промена на Агенцијата за разузнавање“, рече Заев, посочувајќи и на работењето на Антикорупциската комисија, како и дека борбата против корупцијата и криминалот продолжува со посветено темпо.

„Извештајот е верификуван од страна на ЕК и ќе биде проследен до земјите членки од каде што очекуваме Европскиот совет да носи позитивни одлуки. За мене е важно тоа што беше до нас да го завршиме и го завршивме. Тоа е потврдено и во јуни и во октомври, а сега дополнително е и верификувано дека продолжуваме и покрај историската грешка што и беше направена на Република Северна Македонија на октомврискиот самит на Европскиот совет, рече Заев.

„Нормално, очекуваме Европскиот совет да носи позитивни одлуки“, рече Заев.