Заев во „Свислион“: Успесите на компаниите се сатисфакција за владините мерки


Брендирањето на производите кои Ресен и Преспа ги нудат, афирмацијата на нашиот но и на странските пазари, придонесува понатаму и кон развој на овој регион, нивна препознатливост во светот, истакна вчера премиерот Зоран Заев при посетата на  фабриката „Свислион“ во Ресен.

„За мене е особено драго кога сум во посета на успешни економски приказни, како што е фабриката ‘Свислион’, тука во Ресен. Имав можност да видам како тука се работи и да слушнам кои се ефектите, кои оваа фабрика ги има врз економскиот развој на Ресен, но и пошироко на Преспа, рече Заев.

Оваа фабрика денес има 292 вработени во Ресен, а на ниво на цела држава вкупно 600 работници.

„Мене ме радува, што тука нема да се застане и оваа фабрика само ќе расте во иднина, додаде премиерот кој беше придружуван од градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски по обиколката на фабриката, каде беше пречекан од генералниот директор Александар Јањиќ.

Заев нагласи дека покрај тоа што со раководството ја делат желбата за зголемување на бројот на работни места и со тоа поддршка на граѓаните од овој регион, ја делат и желбата да заживее повторно преспанскиот регион.

„Ова е секако во согласност со Владиниот акциски план за ревитализација на Преспанското Езеро, кој во третата фаза предвидува адаптирање на скапоцените туристички потенцијали и нивна соодветна презентација како туристичка понуда, рече Заев.

Менаџментот на „Свислион“ ме информираше дека во наредниот период се предвидуваат и поинтензивни инвестиции во земјоделската дејност на компанијата, во висина од околу 2.700.000 евра.

Фокусот на овие инвестиции е на реконструкција и опремување на ладилник, за набавка на комплетна линија за класирање и пакување на свежо овошје, за системи против замрзнување, градобијни мрежи и опрема за сушено овошје. Со тоа ќе се постигне уште поголема ефикасност на капацитетите на фабриката, а овоштарите ќе добијат уште подоверлив и сигурен партнер во оваа компанија.