Заев в понеделник во Брисел ќе нѐ „спојува“ со Албанија
Реакциите против раздвојувањето што го најави Вархеи се непотребни, бидејќи најдобро за Македонија е да си ги задржи добрите односи со Албанија како единствена реална и стабилна константа, наспроти до недоглед одложуваниот датум за преговори
Слободанка Јовановска
Од вчера во ЕУ почна одново политичката сапуница наречена „можни преговори за членство со Македонија“. Премиерот Зоран Заев в понеделник ќе оди во Брисел за да се увери дека нешто сериозно се работи во ЕУ околу нашиот случај или, во спротивно, да им порача дека претераа, бидејќи не му треба уште едно понижување околу наводните шанси да почнеме преговори со Унијата – сега кога се ближат локални избори. Ерозијата на политичките процеси во земјата, руските вакцини и фактот дека никој веќе не споменува преговарачки тим за Македонија со ЕУ, најдобро зборува за очекувањата кај нас од Брисел.
Посетата се случува по последната изјава на еврокомесарот Оливер Вархеи дека, ако не се најде решение за спорот меѓу Македонија и Бугарија, една од можните опции е да се одвојат одлуките за двете земји, поточно Албанија да добие преговори а Македонија не. Изјавата на Вархеи, кој важи за еден од најмолчаливите и најневидливите еврокомесари за проширување, генерално е во согласност со принципите на кои се заснова новата методологија за преговарање – т.е. напредок според индивидуалното постигнување на земјите. Но, она што му се забележува е дека тој не прави ништо да ги одблокира преговорите на Македонија, туку напротив, постојано создава впечаток дека ја притиска нашата влада да попушти пред бугарските барања, или едноставно кажано – одработува за Софија.
Она што овој политички процес, сепак, го претвора во какафонија се информациите што доаѓаат од кулоарите на Европската унија дека ставот на Вархеи не е став на Европската комисија, туку личен и дека тој спроведува домашна (унгарска) политика во Брисел. Истовремено, влијателни новинари блиски до ЕК објавуваат контрадикторни податоци –дека Вархеи само го кажува тоа што било напишано во документ на ЕК што им бил пуштен на новинарите и во кој јасно стои дека се бара старт на меѓувладината конференција за Албанија, но не и за Македонија.
Оди па разбери што се случува во Унијата, каде што ваквите игри со Македонија траат со децении, и тоа откако во новата фамозна методологија стои цврст став дека „кредибилноста и предвидливоста на процесот“, покрај заслугите, ќе бидат важни елементи за носење на одлуките.
Во суштина, сосема е принципиелно Албанија да ги почне преговорите ако Македонија се соочи повторно со блокада, но пред да донесе таква одлука Брисел треба да објасни зошто Македонија не ги почна преговорите во 2018, во 2019 и во 2020 година кога ситуацијата беше обратна, туку одлуката стана „пакет“ со таа за Тирана. Испаѓа дека кога Македонија е подготвена за преговори нема одлука затоа што не е подготвена Албанија, а сега кога Албанија е подготвена за преговори одлука за нас повторно нема – бидејќи има вето за Македонија.
Иако се мали шансите Албанија да биде одвоена, бидејќи во Брисел никој не верува дека Франција и Холандија ќе се согласат со тоа, ваквите „превирања“ околу одлуката за нашите преговори, која се одложува три години, служат само за создавање илузија дека Брисел го сфаќа сериозно процесот и дека нашата европерспектива е реална, нешто што сѐ помалку луѓе се подготвени да веруваат во моментов.
Многу пореално прашање е кој и зошто се обидува да му ја разниша позицијата на премиерот Зоран Заев и актуелната влада во моментов – дали Вархеи или ЕУ? Бидејќи секое недавање на датум за преговори на Македонија во ЕУ ги соочува со срамниот факт дека го сменивме името на државата за да дојдеме до таквата одлука и дека тешко е да се зборува за кредибилитет на Унијата кога не исполнува ни ветувања за вакви крупни барања. Така што многу пореален одговор е дека Берлин, Париз, Софија, Хаг и други земји би биле најсреќни да немаат пред себе политичари кои постојано ги потсетуваат што оствариле, а место тоа да се врати ВМРО-ДПМНЕ кои ниту нешто направиле да влеземе во ЕУ, ниту нешто оствариле и само глумат дека бараат членство. Дотогаш како изговор ќе им служи Вархеи, кој инаку е безгласна буква во Брисел.
Дека е така, може да послужи мала хронологија: Македонија во јуни 2018 година го потпиша Преспанскиот договор, сите од ЕУ се сликаа, и иако по такви силни пофални зборови очекувавме дека веќе истиот месец ќе ни дадат датум за преговори, некој се сети дека не можат да нѐ раздвојат од Албанија која беше далеку од исполнување на условите. Во декември истата година стана јасно дека зад одлагањето има посериозна причина, односно дека францускиот лидер Емануел Макрон не беше уверен дека воопшто треба да има проширување и дека ЕУ прво треба самата да се стабилизира, па до продолжи со процесот. По срамот од таквата француска блокада, која се поврзуваше со домашната предизборна состојба, беше измислена божемната нова методологија, толку клучна и толку фамозна што – откако е донесена не се применува.
И кога сите поверуваа дека пречките се отстранети, одеднаш Албанија е подготвена а Македонија не, бидејќи силните напори на Берлин не успеаја да ја разубедат Софија да не става вето на преговорите со Македонија. А Екатерина Захариева отворено се фалеше дека зад таквата одлука има поддршка од Германија, од која пак и денес стигна поддршка за неодвојувањето со Албанија, но од Михаил Рот, додека тој што ги носи одлуките, Хајко Мас, си молчи и си води своја политика.
Затоа, реакциите кај нас против раздвојувањето што го најавува Вархеи се непотребни, бидејќи најдобро за Македонија е да си ги задржи добрите односи со Албанија, што е единствена реална и стабилна константа во процесот, наспроти тотално неизвесниот датум за преговори. Сега ќе се чекаат новите избори во Бугарија, во септември во Германија, идната пролет во Франција, а има и корона, така што датумот за преговори што го чекаме од 2009 година и што не ни се случи ни во многу подобри околности од овие сега, тешко дека зависи од тоа дали ќе одиме заедно или одвоено од Албанија.