Заев во опожарените места во Малешевијата
Премиерот Зоран Заев денеска ги нарече „херои“ пожарникарите, полицајците, војниците и обичните граѓани за сите напори во справувањето со пожарите за време на обиколката на неколку места во малешевијата кои беа најмногу погодени од огновите. Премиерот, кој беше заедно со министерката за труд и социјала, Јагоад Шахпаска, како и градноачалниците на Берово и Пехчево, Звонко Пекевски и Драган Тренчовски, изјави дека денеска најкритична била ситуацијата кај селото Митрашинци, каде морало да се локализира пожарот за да не се прошири кон Виница.
Зборувајќи од Будинарци, Заев упати посебна благодарност до Австрија, Србија, Романија, Словенија и Бугарија за испратената помош за гаснење на пожарите, и посебно ја нагласи солидарноста на луѓето од Малешевијата.
„Ваквата солидарност, која тука во Малешевијата ја гледаме, солидарноста на нашиот народ на дело, системското функционирање, хиерархиска поставеност во координација со меѓународни сили, го дадоа резултатот и може да кажеме дека се локализирани и се локализираат пожарите на подрачјето на беровско-пехчевскиот регион“, рече премиерот Заев кој додаде дека граѓаните треба да сметаат на Владата во однос на обештетувањето и санирање на штетите.
„Најважно е што се заштитени сите луѓе, нивните имоти и иако е огромна загубата во шуми, се надеваме дека во најскоро време ќе ги обновиме“, рече Заев и додаде дека во некои општини веќе се започнати процедурите за излегување на терен и правење проценка на штетите кои ќе се достават до Владата за исплаќање.