Заев во Ново Село најави три откупно-дистрибутивни центри за земјоделски производи


Во новиот мандат обезбедуваме сигурен пласман и современи услови за складирање на градинарските производи преку изградба на 3 откупно-дистрибутивни центри, еден од нив и овде во Струмица, најави денес во Ново Село лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Зборувајќи за земјоделсттввото тој рече дека во последните три години кон земјоделците биле насочени 480 милиони евра, преку директна или индиректна финансиска поддршка.

„Тоа ќе продолжиме да го правиме и во следниот мандат каде обезбедуваме 200 милиони евра годишно финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој“, рече Заев.

Тој нагласи дека Владата предводена од СДСМ во изминатите три години вложувала во секоја гранка од земјоделството и дека тоа ќе продолжи да го прави и во наредниот период.

„Конкретно, во делот на градинарството, гранката која е најзастапена овде во Ново Село и струмичко го олеснивме процесот за аплицирање за субвенции. Ја зголемивме субвенцијата за 6.000 денари за развојните производители со површина од 1 до 5 хектари. Зголемивме и исплативме дополнителни субвенции за лубеница, домат, за зелката“, рече Заев, нагласувајќи дека тоа е вистински партнерски однос кој го градиат со земјоделците, но и мотив да продолжат уште подобро.

„И во следниот мандат ќе продолжиме да им помагаме на младите земјоделци на жените од руралните средини преку постојано зголемување на неповратните средства кои ги добиваат за да се занимаваат со земјоделство“, рече Заев.