Заев во Луксембург: „Дефинитивно сме огорчени“
Премиерот Зоран Заев во интервју за весникот „Луксембургер ворт“, од земјата која е еден од основачите на Европската унија, порача дека Македонија е целосно разочарана од ветото на Бугарија, велејќи дека „со вакво однесување ЕУ никогаш нема да постоеше, Европејците гледаа кон иднината, не кон минатото“.
Во интервјуто, објавено утринава пред денешните разговори со луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел, Заев изјави дека „ветото на Бугарија за почетокот на преговорите во ЕУ беше неблагодарен гест“, нагласувајќи дека тоа нема да ја спречи Македонија во европеизација на општеството.
Тој сепак верува дека може да се изнајде решение за бугарската блокада пред јуни. Но за тоа, според Заев, е потребна помош од останатите земји на ЕУ, кои ќе треба да докажат дека се почитуваат вредностите на Унијата и дека историските спорови не смеат да бидат пречка за иднината на земјата.
Заев уште наведува дека Македонија е разочарана од ЕУ затоа што не стигнале вакцините што ги ветила Унијата.
„Би бил нечесен ако не признаам дека ЕУ нѐ разочара со набавката на вакцини за корона вирусот. Но, ни рекоа дека во овој момент е невозможно за Унијата да ги сподели вакцините“, вели Заев за „Ворт“. Во исто време, тој ѝ се заблагодарува на Унијата за помошта во заемите.
„Но, да, можевме да сметаме на српската солидарност и сега исто така нарачавме дози од Кина и Русија“, нагласува Заев.