Заев во Кавадарци: Немојте да им верувате на лажните патриоти


На претпоследниот ден од кампањата Зоран Заев го одржа вечерниот граѓански собир во Кавадарци, единствениот поголем град каде што ВМРО-ДПМНЕ има градоначаланик, за да ја претстави програмата на партијата и неговите визии за Македонија во наредните четири години. Со претседателот на СДСМ беа и коносителката на листата во изборната единица 4, Соња Мираковска, како и кавадарчанецот Панчо Минов, кој сега е кандидат на владејачката партија.

Во на моменти огненото обраќање, Заев прво им се заблагодари на „озарените лица, на насмевките и надежта која се наѕира зад маските, благодарам што доследно ги почитувате мерките за заштита од корона вирусот. Важно е сите заедно да бидеме вклучени во борбата со корона кризата“.  Овој собир повеќе наликуваше на митинг во мало, затоа што имаше многу присутни, од кои најголемиот број седеа на столчиња поставени на растојание.

Заев зборуваше за работите кои се мото на кампањата на партијата и коалицијата: „Денеска нашата држава Република Северна Македонија е признаена од целиот свет. Друга Македонија нема во светот. Била Федеративна, Народна, Социјалистичка, но таа е наша земја впишана во архивите со лична карта во ОН. Таму пишува Македонци за сите граѓани, плус за помалку бројните етнички заедници, граѓанин на Република Северна Македонија, заради тоа што не се сите по етничка припадност Македонци.

Пишува македонски јазик, ниту фуснота, ниту ѕвездичка. Целосно загарантиран идентитет. Ова беа вековните аспирации на нашите предци, животи положиле, земјата со крв ја потопиле за денеска да го имаме тоа. И денеска ќе лажат и понатаму дека сме изгубиле нешто“.

За потоа да го постави прашањето – „Кој?“, а потоа да одговори дека тоа се „лажни патриоти“.„Немојте да им верувате. Денеска добивме сѐ на светот за што сме се бореле. И тоа е појдовната основа за да ги оствариме економските соништа. Да имаме европска земја тука, во Кавадарци, Ваташа, во Струмица, во Муртино, во Гевгелија, насекаде во државата. Тоа се нашите визии, соништа и идеали, да оставиме нешто повеќе на нашите деца“, порача Заев.

Тој зборуваше и за неговиот противкандидат, Александар Николоски. „Ете го Александар Николоски, од Охрид го донеле во изборна единица 4. Тој е една од десните раце на Груевски. Ништо не може да понуди, докажан извор на лажни вести. Дојде овде и без срам кажа дека ‘Дрекслмаер’ ќе ја затвора фабриката и го демантираа и раководството на фабриката и градоначалникот. После отиде во Прилеп и вели Тутунскиот комбинат работи најлошо досега, а првпат Комбинатот има добивка и зголемени плати на работниците“, рече претседателот на СДСМ.

Според него, сосема погрешни биле тврдењата од 2016 година дека ако дошол СДСМ на власт ќе ги укинел субвенциите за земјоделците. „Не ги укинавме, ги укинавме на тие бандитите Камчевци и другите и тие 30 милиони евра од големите компании ги пуштивме на индивидуалните земјделци и сега имаме навремени субвенции, стигаат тогаш кога им требаат на земјоделците. Оваа година беше корона криза, 95 отсто се исплатени и секогаш сме тука да слушнеме кога треба на народот веднаш да интервенираме“, рече Заев.

Уште заклучи: „Тие биле патриоти ние не сме биле патриоти…“ (Н.В.)