Заев во Карпош: Правиот пат значи ЕУ и НАТО


Фото: Б. Грданоски

Денес правиот пат значи ЕУ и НАТО, значи грижа за сите, значи заштита од КОВИД – 19, економски раст и повеќе пари за секој, истакна синоќа на предизборниот собир на коалицијата „Можеме“ во Скопје, лидерот на СДСМ Зоран Заев.

– Убаво е слободно Скопје кое што верува дека одиме по правиот пат, Скопје кое што знае дека прав пат е грижа за сите, грижа за сите која што ја покажавме на дело во изминатите три години. Грижа за најсиромашните, грижа за помалку бројните етнички заедници, грижа за жените, грижа за лицата со посебни потреби, грижа подеднакво за сите, нашиот главен град Скопје знае дека е на правиот пат затоа што имаме вистинска развојна македонска економија, затоа што покажавме дека кога се решаваат најкрупните прашања можеме да водиме грижа за нашата економија, рече Заев.
Скопје, додаде тој, знае дека ЕУ и НАТО се правиот пат. Знае дека сме на правиот пат затоа што гледа дека сме најуспешни во борбата со КОВИД – 19, Скопје знае дека сме на правиот пат затоа што знае дека тоа е патот кој што води кон целосен ред, дисциплина и правда. Скопје, слободно наше Скопје кое што секогаш ја храбрела внатрешноста на Македонија знае дека сме на правиот пат затоа што создаваме еко држава, знае Скопје дека овие шест столба се правиот пат, знае Скопје дека можеме, знае Скопје дека можеме уште подобро, уште повеќе, порача Заев.
Лидерот на СДСМ на вчерашниот собир во Скопје истакна дека после поразот Мицкоски нема да биде лидер на ВМРО ДПМНЕ.
-Не сме исти ние и ВМРО ДПМНЕ, но, не сме ни млада држава, не сме млада демократија, имаме обврска да ја чуваме државата, да ја заштитиме, тоа е наша задача и немојте да мислите дека не зависи од вас, зависи од сите вас. Патоказот кон иднината го покажувате вие граѓаните. Тој патоказ е кон Европската Унија. Другата опција нема ниту компас, ниту кампања, срамна им е целата кампања, негативна, со клевети. Па Мицкоски исцелител глуми на спотови. Душата им ја извадија 12 години на граѓаните, на колена ги паднаа, ги понижија, ги навредија… Потоа Мицкоски дава партиски книшки со порака дека ВМРО ДПМНЕ било решението, како па да не, лаги со опшаки и приказни за мали деца. На крајот го гледаме како мајстор за куќи и за хидроцентрали, па зборува ќе го зацврстел нашиот дом, ама нашиот дом има темели, има ѕидови, стиропрот го заменивме со бетон, имаме кров што не прокиснува оти на него се вее нашето и знамето на НАТО, рече Заев.
Тој очекува дека после победата на СДСМ, односно поразот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски да се збогува со политичката кариера.
-Имаме држава стабилна и силна, ама Мицкоски заборава. Имаме гаранција на територијалниот суверенитет и интегритет. Се што направи тој во овој период беа сопки, опструкции, закани, уцени и манипулации. Немаат што да понудат, не знаат што да понудат. Знае Мицкоски дека знамето на НАТО и на ЕУ ќе ги однесе во кабинетот на факултет оти нема да биде ни претседател на ВМРО – ДПМНЕ после поразот, истакна Заев.
Фото: Б. Грданоски

На собирот на коалицијата „Можеме“ во Скопје се обрати и Венко Филипче, министер за здравство, кој им честиташе на  организаторите дека собирот е согласно сите протоколи потеницрајќи дека така се чува јавното здравје.

Филипче побара апаузот што присутните го дадоа за него да оди за здравствените работници кои четири месеци макотрпно работат поради коронавирусот.

– Нека оди овој аплауз за здравствените работници, за докторите, за сестрите и сега тие што дежураат 24 часа на ден, неуморно, макотрпно 3-4 месеци по ред. Видовме многу различни сценарија, во светот, во Европа, за жал и во соседството, последните информации се дека косовскиот здравствен систем е пред колапс. Ама ние не видовме такви сценарија кај нас, не видовме преполни болници, не видовме пациенти во ходници, не видовме долги колони на возила за итна медицината помош што чекаат пред болниците и нема кај да ги остават пациентите, навреме и многу прецизно реагиравме, рече Филипче.

Фото: Б. Грданоски

Никола Димитров, носител на кандидатската листа во Изборната единица 1, побара од граѓаните на 15 јули масовно да излезат на гласање за да нема пазари.

-Да бидеме убедливи, да нема пазари.Сега ни требате сите и потоа да ни дишете во врат, истакна Димитров.

Зборувајќи за патриотизмот и идентитетот, Димитров рече дека македонскиот јазик последен пат во 2005 година бил споменат од страна на Европската комисија и оти сега повторно се спомнува македонскиот јазик во Преговарачката рамка. -Нека ми зборуваат за патриотизам. Го ринат македонскиот идентитет, рече Димитров.

Тој истакна дека главна област во следниот период ќе биде правдата.

– Со помош на овие рефлектори, јас лично ви ветувам дека ќе бидам гласот за правда, бидејќи нема да заврши кризата што почна 2015 гоина, додека нема правда. Без разлика за кого! Кој и да згреши, ќе се бориме да има правна разврска, порача Димитров.

Мила Царовска, која исто така коносителка на канидатската листа во Првата изборна единица, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ништо не им понуди на граѓаните и оти коалицијата Можеме е единствениот избор на гласачите.
Според неа, тие покажале праведност, толеранција и почит, а за две и пол години владата на СДСМ успеа да и даде правец на нашата држава, која е членка на НАТО.
Фото: Б. Грданоски
Носителот на Втората изборна единица на коалицијата „Можеме“ Оливер Спасовски, кој присуствуваше на собирот во скопски Карпош, истакна дека се испправени многу неправди за три години, и оти прва работа по формирањето на новата Влада ќе биде расчистување со груевизмот во праводуството што ги бранел криминалците.
Спасовски, како и останатите говорници, ги повикаа членовите и симпатизерите на партиите од коалицијата да излезат на гласање на 15 јули и да го заокружат бројот 3, за сигурна правда.
-Денеска бев во моето родно Куманово, имав многу средби и со млади луѓе, ми остави впечаток еден говор на еден млад човек, кој рече  -`се ова што го бараат моите врсници е базирано на слобода. И сега ми одѕвонува во мислите. Сработивме и на полето на правдата и полето на правичноста, рече Спасовски додавајќи дека денес нема одлука за ставање во затвор за напишан текст, како за Кежаровски. Правдата се зацврстува и со Законот за јавното обвинителство за којшто режимот претставен преку Мицкоски правеше се што е можно за да не се донесе.
Фото: Б. Грданоски
На собирот во скопски Карпош се обрати и Фатмир Битиќи, кој кажа дека тие искреирале мерки кои тежат 550 милиони евра, во БДП е 5 отсто, а тоа се мерки кои решаваат проблеми, но гледаат и во иднината. Затоа, побара тој од граѓаните да излезат и да гласаат за коалицијата „Можеме“.