Заев: ВМРО-ДПМНЕ веќе учествува на изборите, прашањето е дали ќе учествува во кампањата


Фото: Б. Грданоски

По денешната неуспешна лидерска средба има сѐ повеќе знаци дека изборниот процес ќе продолжи онаму каде што застана со донесувањето на првата вонредна состојба. Лидерот на СДСМ тоа го навести во изјавата за новинарите по завршувањето на средбата кај претседателот Стево Пендаровски, а вечерва во интервју за Канал 5 тоа уште посилно го нагласи и посредно најави дека, без оглед на барањето на опозицијата за одложување на гласањето на крајот од летото, изборите многу веројатно ќе се одржат на крајот од јуни.

„Не е прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите, туку  прашањето е дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во изборната кампања или не. ВМРО-ДПМНЕ  учествува на изборите, тие прифатија изборите да бидат на 12 април, потоа прифатија одложување на изборите, доставија кандидатски листи, ждребовањето е завршено, сѐ е подготвено за избори“, оцени претседателот на СДСМ Зоран Заев во вечерашното интервју за Канал 5.

„Мора веднаш што здравствените услови тоа ќе го овозможат, со овие намалени бројки на заразени,  да ја извадиме државата од можна политика криза. Нема парламент, нема политичка влада, мора да имаме капацитет и за екононските и за евентуалните нови здравствени предизвици“, порача Заев.

Тој нагласи дека е отворен за дијалог со цел да се дојде до заеднички прифатливо решение за датумот за избори, но смета дека не смее да дозволи да се пропушти периодот кога има услови да се одржат избори со најмала опасност за граѓаните, бидејќи со отворањето на границите, училиштата, градинките ризикот се зголемува.

„Во услови кога и по втората лидерска средба не дојдовме до решение, останува да одиме на избори според роковите што се заокружени, односно по завршувањето на вонредната состојба на 30 мај изборите да се одржат во определениот рок од 22 дена –  на 21 јуни“, изјави Заев.

„Кога нема договор, едноставно во секоја демократска земја останува да се примени законот и владеењето на правото. Треба изборите да се одржат со законски пропишаните услови и рокови. Очигледно е дека опозицијата не е подготвена, се плаши од избори, бидејќи бројките покажуваат дека победуваме и тоа со голема разлика. Но, тоа не смее да биде причина да ја заглавиме државата без институции и на штета на економијата и здравјето на граѓаните“, оцени Заев.

Тој смета дека Државната изборна комисија е должна да ги спроведе изборите во роковите што ги предвидува Уредбата со законска сила, што беше донесена откако беше прогласена вонредната состојба и изборите беа одложени.

„ДИК е извршно тело. Тоа добива рокови, пропишани од претседателот на Собранието, кој ги распишува изборите и тие постапуваат по тие рокови. Теоретски имаме рокови за избори кои треба да се одржат и за 40 дена, и сме одржувале избори во тие рокови и изборите беа успешни.

Роковите се јасни, претседателот на Собранието не може да распише нови избори, останува рокот определен со изборните рокови кои беа замрзнати поради здравствената криза. Неспроведувањето на одлуката поведува и одговорност“, оцени Заев и додаде дека Изборниот законик во делот на ажурирањето на Избирачкиот список е јасен и предвидува дека кога е завршен јавниот увид  МВР е должно да достави список на полнолетни гласачи заклучно со 21 јуни. (Н.В.)