Заев вети просечна плата повисока за 30 отсто, минималната за 40 отсто и пензиите за 21 отсто


„Александар Николоски беше десна рака на Груевски. Еве го во четвртата изборна единица истиот човек од Охрид, кој живее во Скопје, а ќе дојде тука. Не знае ни каде е Муртино, ни Подареш“, рече Заев за неговиот ривал во Четвртата изборна единица

 

На овие избори е важно да си го вратиме Собранието, да ја вратиме политичката влада, а за жал ВМРО–ДПМНЕ не може да се врати сѐ додека е водено од вакви луѓе коишто немаат став, не се воопшто одговорни и ништо не промениле за последните три години. Сѐ е исто, кога ќе дојдат некои нови луѓе, реформирани, со проевропска ориентација, со граѓански ориентации, тогаш може да очекуваат да победат на  избори, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев од вечерашната граѓанска трибина што се одржа во Струмица која беше главен настан на социјалдемократите за отпочување на кампањата.

Презентираjќи делови од изборната програма Заев рече дека ќе се зголеми помошта кај ранливите категории граѓани, зголемување на просечната плата за повеќе од 30 проценти, минималната плата за повеќе од 40 проценти, 600 милиони нови инвестиции во економијата за отворање нови работни места и повисоки плати. Најави и зголемување на пензиите за над 21 проценти, борба против сивата економија и очекува дополнителни приходи во буџетот од над 200 милиони евра. Тој, исто така, најави дека во наредниот период судиите и обвинителите ќе одговараат ако не работат како треба и ќе имало комплетна ревизија и прочистување на правосудството.

Заев додаде дека досега носеле многу важни одлуки, а сега до изборите и на 15 јули граѓаните треба да донесат одлуки.

„Како ќе одлучат граѓаните во тој правец ќе ни се движи државата. Во сите можни анкети сме фаворити и очекувам победа за да нема уцени. Не ни требаат уцени од никој. Заврши времото на уцените. Не може да уценува ниту ДУИ, ниту која било друга политичка партија. Единствени кои одлучуваат се граѓаните, на избори. Тие даваат мандат и определуваат кој ќе биде пратеник, кој ќе биде министер и кој ќе биде премиер и кој ќе биде директор. Само граѓаните. Не зависи тоа од ДУИ, ниту од кој било. Затоа време е ДУИ да си замине во опозиција. Седумнаесет години власт – доста е! Да заминат во опозиција здраво е за државата, а богами е здраво и за ДУИ“, уште еднаш го повтори својот став Заев.

Тој говореше и за постигнувањето на владата предводена од СДСМ и членството во НАТО, со што е заштитен територијалниот интегритет и целовитоста на државата. Решавањето на триесетгодишниот спор со Грција и договорот за добрососедство со Бугарија се поздравени од целиот свет. Уште еднаш кажа дека на опозицијата ѝ била понудена заедничка влада, заедно да го решат проблемот не само со Грција, туку и заeдно да ги отвореле поглавјата за преговори со ЕУ.

„Тоа досега никој го нема понудено. Одбија затоа што немаа храброст. Немаа став“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Претседателот на СДСМ зборуваше за предизвиците со кои се соочува нашата земја во справувањето со кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19 вирусот. Беше потенцирана важноста на изборниот процес, граѓаните одлучно да излезат на 100 отсто безбедни избори по здравјето и да изберат одговорна власт предводена од СДСМ и коалицијата која ќе знае да се справи со последиците од кризата, да ги заштити граѓаните и да ја повлече економијата напред.

За политичките конкуренти од ВМРО – ДПМНЕ рече дека на листите се истите луѓе од времето на Груевски.

„Александар Николоски беше десна рака на Груевски. Беше кандидат за амбасадор на нашата земја во ЕУ. Еве го во четвртата изборна единица истиот човек од Охрид, кој живее во Скопје, а ќе дојде тука. Не знае ни каде е Муртино, ни Подареш. Мицкоски му беше советник на Груевски. Другите или беа во Собранието или пред Собранието на 27 април. Таму беа да убиваат, да линчуваат. Зошто? За власта да не се предаде. Истите тие луѓе се денес и се управувани од Будимпешта и белиот дворец. Ништо различно, ‘све је исто само њега нема’“, рече Заев.

На трибината се обратија и кандидатите за пратеници, Соња Мираковска и Костадин Костадинов.

„Во овој тригодишен мандат имавме многу предизвици. Крупни прашања решававме. Не калкулираме бидејќи во ова што го работиме силно веруваме. Со влезот во НАТО си ги заштитивме границите. Направивме многу за овие неполни години, можеме уште подобро, уште повеќе“, истакна Костадин Костадинов.

На крајот беа претставени и дваесетте кандидати за пратеници од листата на Коалицијата „Можеме“ во четвртата изборна единица. (Н.В.)