Заев: Верувам во решение со Бугарија без оспорување на македонскиот идентитет и јазик
За македонскиот идентитет и јазик ниту се разговарало и преговарало ниту ќе се разговара и преговара. Може да добиеме уште 100 ултиматуми, уште 10 пати вето и блокада, на овие прашања нема да разговараме. Јас очекувам од Бугарија чисто признавање на македонскиот идентитет и јазик, рече попладнево премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието поставено од пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.
– Тврдиме дека членство во ЕУ која не ни признава и прифаќа македонски јазик и идентитет не ни треба. Не веруваме ние во таква ЕУ, нагласи Заев, додавајќи дека со бугарската страна креираат идеи да најдат решение.
Тој верува дека со Бугарија ќе се постигне договор и решение затоа што, како што рече, докажавме дека можеме да постигнеме. Ја повика опозицијата да работат заедно за, како што посочи, да го дуплираат успехот.
На прашањето зошто го смениле Александар Литовски од историската комисија, Заев рече дека тој не бил сменет, туку му завршил договорот и тој, како што вели Заев, поради семејни идни предизвици на кои сака да се посвети не сака да биде продолжен неговиот договор.
– Влијание врз комисијата, тврдам, ниту имало, ниту ќе има и не смее да има затоа што таа Комисија е составена од професионалци, ние политичарите не сме и затоа нашиот став е исотријата да ја оставиме на историчарите. Ги охрабруваме да продолжат да решаваат, нагласи Заев.
Пратеничката Ласовска побара да изгласаат како и Бугарија декларација и тоа, како што рече, да биде појдовна точка за преговори. На тој начин, посочи Ласовска, ќе ја олесниме работата на Комисијата, нема потреба потоа да си даваат оставки.