Заев: Верувам дека ќе се најде решение, ако успее на 23 јуни треба да е првата меѓувладина седница
Верувам дека ќе бидеме мудири, комплетно како што стоиме сите, а посебно Владата во заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, и дека ќе се изнајде конечно решение да направиме исчекор. Правиме се и навистина имаме добра основа низ португалскиот предлог да изнајдеме решение со Бугарија. Ако успее, веднаш на 23 јуни треба да ја имаме првата меѓувладина седница, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање за учество во тв дуел со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за спорот со Бугарија, Заев по денешната посета на детска градинка во населбата Аеродром, рече дека за ова прашање очекувал покана од претседателот на бугарската Влада Стефан Јанев.
– Секогаш во текот на преговорите, принципиелно ние ги соопштуваме сите детали и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го има португалскиот предлог кај него во раце. Така сум информиран. Не гледам во моментов причина зошто да седнам, но прва прилика кога тоа нема да наштети на преговарачкиот процес, веднаш и во секое време сум за дуел за било кои теми, рече Заев.
Португалското претседателство, посочи Заев, изненадувачки позитивно изработило инвентивно и креативно решение.
– Не само за нас, туку и за бугарската страна, кое што е согласно праксата на Европската унија и навистина може да биде решение. Да посветиме, овие уште 20 дена, колку што останаа до Советот на министри. Ако успее, веднаш на 23 јуни треба да ја имаме првата меѓувладина седница, изјави Заев.
Не сакам, нагласи тој, да ги поткревам очекувањата, и ја повика ЕУ, вклучително и Бугарија, да испорачаат, затоа што ни должат.
– Деновиве имам многу средби. Имам средби во Тирана, во Виена, во Истанбул, во Париз и многу дестинации. Се со конечна цел и билатерално да ги зајакнуваме односите и да ги јакнеме нашите односи со ЕУ. Се надевам дека ќе има средба и со бугарскиот премиер. Тоа е возможно да се случи во Софија. Но, отворено е дали во Скопје, Софија, Охрид или било каде да седнеме да се видиме, изјави Заев.
Подготвен сум, рече Заев, да одам во Софија и на прагматичен начин да замоли за решение.
– Да замолам за решение на прагамтични основи, знаејќи дека никој не сака да погази врз нашиот македонски јазик и македонски идентитет. Така и ќе биде, но сепак решението мора да го најдеме ние двете пријателски земји, изјави Заев.
Бугарија во 2018 година, посочи Заев, свика Европски самит за Западен Балкан и навистина, како што рече, треба да помолиме Бугарија да остане предводник на евроинтеграциите на Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија.
– Политиката што ја водиме во моментот со целосна почит на нашата историја како појдовна основа за гаранција на сегашноста и иднината. Тоа молиме. Европски манири. Молиме европски однос на сите наши соседи. Жалам што во моментот е техничка влада, не е политичка, да понесе одговорност и затоа, сме со резерва и не знаеме дали ќе има одлука, но треба да работиме и успееме, изјави Заев.
Компромисот, појасни тој, е дека секоја страна има право на своите ставови и да остави времето да ги решава.
– Компромисот е патна карта, каде што секој секторски ќе си земе обврска. Ние со железницата кон Бугарија, а тие кон преминот Клепало. Тоа е компромисот. Македонскиот јазик и македонски народ, ако е за преговори, не преговараме. Појасно од тоа, не знам како да кажам, нагласи Заев.