Заев вели дека блокадата не е одлука на Борисов

Фото: Б. Грданоски

Премиерот Зоран Заев вечерва изјави дека не верува оти зад денешната одлука за блокада на Македонија во ЕУ стои неговиот бугарски колега Бојко Борисов и бугарскиот народ, туку дека таа е мотивирана од интересите на одредени политички струкури. Тој, сепак, не кажа на кои структури мисли, иако јавноста добро знае кои министри беа најгласни последниве неколку недели објавувајќи нови и нови барања за Македонија. Гостувајќи во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 Заев рече дека наредниот период, додека Германија уште претседава со ЕУ, ќе седне со Борисов и ќе се обидат да најдат решение „како другари, како браќа, како пријатели“.

Нарекувајќи се себеси како пријател на бугарскиот народ, Заев сепак рече дека чувствува голема горчина и разочарување, „тое кине“, како и кај секој Македонец по оваа блокада на официјална Софија. Тој потврди дека Македонија е подготвена да изјави дека нема никакви територијални претензии, ниту пак државата официјално ќе го поддржува македонското малцинство во Бугарија, ниту пак Бугарија тоа треба официјално да го прави во однос на оние што овде се сметаат себеси како Бугари. „Тоа е решение кое можеме да го понудиме“, но според него не може да има никакви преговори за македонскиот јазик и идентитетот. Заев најави дека е согласен со една билатерална изјава да стои формулацијата  „македонски јазик согласно уставот на РСМ и бугарски јазик согласно уставот на РБ“, но дека тоа во никој случај не може да се однесува во ЕУ, затоа што тоа не може никој да го прифати во Македонија, ниту пак тоа е европска вредност.

Заев упати апел до граѓаните да не бидат разочарни, да нема говор на омраза кон бугарскиот народ и им се заблагодари на сите етнички заедници, партии и организации што во овој момент му даваат поддршка на македонскиот народ. Тој рече дека преговорите продолжуваат: „Се разговара и вечерва. Двајцата министри за надворешни работи со тимовите разговараат и вечерва. Ние сме пријатели, ние не сме непријатели. Не смееме да дозволиме да ги оддалечиме двата народи. Тоа е наша обврска, моја и на Борисов“.