Заев денес во Берлин ќе прими награда за тоа што го критикува Софија


Премиерот Зоран Заев утре во Берлин ќе ја прими Наградата за човекови права за 2020 година што му ја додели германската Фондацијата „Фридрих Еберт“. Наградата ќе му ја врачи министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, кој притоа ќе одржи и пригоден говор.По свечениот дел, предвидена е дебата со Заев на тема: „Како да ги заштитиме човековите права и мултилатерализмот во време кога овие вредности се под голем притисок“.

Според фондацијата, Заев ја заслужил наградата како светол пример за унапредување на човековите права во регионот.

-Успесите на Заев не се основаат само на фактот дека неговата Влада го потпиша Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија во 2017 година или потпишувањето на Договорот од Преспа со Република Грција со кое се стави крај на 27-годишниот спор за името, туку пред сѐ во самата Северна Македонија. Уште повеќе, како предводник на опозицијата, Заев се издвои како личност од исклучителна важност во борбата за граѓанските и човековите права на сите Македонци, со што на мирен начин се залагаше за нови избори во рамки на движењето ‘шарена револуција’.По бројните разочарувања, реформираната политиката на Заев уште во март доведе до позитивна одлуката на државите-членки на ЕУ да ги започнат преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, што во голема мера го изгради патот за влез на Северна Македонија во НАТО, како нејзината 30. членка“, објаснуваат од фондацијата.
Симболика

Врачувањето на наградата во Берлин ќе биде само еден ден пред состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, на кој требаше да се усвои Преговарачката рамка за Северна Македонија за во декември да се одржи првата Меѓувладина конференција. Тоа нема да се случи поради ветото од Бугарија, меѓу другото, и затоа што во Софија сметаат дека македонската страна не го спроведува Договорот за добрососедство.

Заев утре во Берлин ќе се состане со германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, кој во вторник ќе претседава со Советот за општи работи на ЕУ.