Заев утре ќе разговара со Меркел


Премиерот Зоран Заев е оптимист во однос на решавање на отворените прашања кои ги отвори Бугарија и кои се закануваат со блокада на почетокот на долгоочекуваните преговори на Македонија со ЕУ до крајот на годинава. Тој најави дека утре ќе има телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел.

„Има оптимизам, видов оптимизам и кај изјавите на Захариева и кај пораката на Твитер на Бојко Борисов“, рече Заев во интервју на Сител и нагласи дека помошта од Германија е добредојдена, но и дека зачестените средби на заедничката комисија и разговорите на функционерите меѓу двете земји даваат резултати.

Во пресрет на клучните датуми за носење одлука дали ќе има бугарско вето за поечеток на преговорите, денеска канцеларката Меркел имаше разговор со бугарскиот премиер Борисов, а германскиот претседател Франк-Валтер Штајмаер разговараше со претседателот Стево Пендаровски.

Во врска со отворените прашања кои денес министерката Захариева ги кажала на прес конференција, околу краткото има на државата и јазикот и историјата, Заев рече дека не е проблем нашата земја да понуди декларација слично како при приемот во НАТО дека Република Северна Македонија и Северна Македонија реферираат на иста држава и дека нема никакви територијални претензии кон Бугарија или кон било која друга држава. Во однос на јазикот Заев рече дека е прифатлива формулацијата во Договорот за добрососедство (значи според Уставот на Македонија), но додаде дека во документите на ЕУ ќе стои македонски јазик без никакви додавки или појаснувања.

Заев рече дека нема потреба прашањата кои треба да се решат денес, да се оставаат за некое наредно време, туку за нив треба да се разговара и да се најде заеднички прифаатливо решение.

Запрашан дали ќе оди во Бугарија да се сретне со Борисов, Заев рече дека тоа пред се ќе зависи од здравствената состојба на премиерот Борисов, кој е позитивен на корона вирус и има симпроми на има КОВИД-19, но и од неговата лична здравствена состојба, со оглед на пандемијата.

„Му посакувам добро здравје и брзо закрепнување“, рече Заев додавајќи дека негова желба е физички да присуствува на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес во Софија.