(ВИДЕО) Заев: Успеавме, народе мој!


Фото: Б. Грданоски

Успеавме, народе мој, порача доцна вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев, соопштувајќи дека во моментов СДСМ со коалицијата победуваат  со над три пратенички мандати и со можност да освојат еден или два повеќе.Според него граѓаните излегоа да гласаат за сигурност, за ред и за правда.

-Патот напред е потврден. На опасноста и кажавме јасно не, рече Заев.

Тој изборите ги оцени како мирни, достоинствени, слободни, демократски и безбедни, како што и доликува на земја членка на НАТО.

-Денес победи иднината, победи напредокот, рече Заев.Според него време е сите мрачни и назадни концепти да завршат во неповратно минато, а партиите кои нудеа вакви концепти да завршат со реформирање.

-Патот е исправен,  но мора да се работи уште повеќе и уште подобро. Ве уверувам дека ќе продолжиме тоа да го правиме и во иднина, со многу научени лекции зад нас и со многу проблеми решени пред нас, рече Заев.

Според него следува уште поголема грижа за сите граѓани , следат преговори со ЕУ и последното – следува правда.

-Тивкиот став на оние што не излегоа го слушнав и им порачувам – ќе има правда. И својот став да го кажат веќе на следните избори. Ќе работиме макотрпно за да дојде правда за секого. Економија, правда… Тоа го баравте од нас, тоа ќе го испорачаме. Повеќе пари и повеќе ред во државата, тоа го можеме. Ќе градиме уште потранспарентни институции, уште поодговорна власт. Ова ќе биде влада на граѓаните, потоа на партиите. Ќе изградиме слободна, демократска, граѓанска, економски развиена држава, етаблирана членка на НАТО и во преговори со Европската унија. Тоа е нашата цел, патоказот што го барав, а вие јасно го потврдивме со вашиот глас. Одиме кон создавање нова, силна и уште поцврста влада посветена единствено на граѓаните, порача еуфорично Заев.

Запрашан со кого ќе прави влада, Заев рече дека треба да се почекаат крајните резултати за таа одлука. Тој очекуваше Мицкоски да ја преземе одговорноста и да се обрати по поразот.

-Вечерва се е јасно, имаме чисти три мандати предност и во такви околности, со можни уште два мандати, кога одржавме лекција како се гласа во земја членка на НАТО, дека сме кадарни да бидеме Европејци и да гласаме за европски вредности, во такви околности знаеме што се очекува од Мицкоски, рече Заев.