Заев: Унапредување на економската соработка со Русија и продлабочување на односите

фото: Б.Грданоски

Премиерот Зоран Заев со своето обраќање го отвори денешниот Македонско-руски бизнис форум. Форумот се одржува во Скопје и е во рамки на 9. сесија на Мешовитата меѓувладина комисија кја утре во Охрид ќе заседава, а се активира по пет години.

Премиерот Заев по денешниот Македонско-руски бизнис форум во Скопје, рече дека владата останува на ставот против воведување на санкции кон Русија, додавајќи дека во следниот период ќе се работи на унапредување на економската соработка со Руската федерација, а најмногу во секторите земјоделство, енергетика и храна.

На форумот, на кој покрај бизнисмени од Русија, учествува и заменик
министерот за индустрија и трговија на Руската Федерација, Алексеј Груздев,
кој истовремено ќе претседава со руската делегација која денеска и утре ќе
учествува на 9-тата сесија на Меѓувладината комисија за трговско-економска и
научно – техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската
Федерација.

Во своето обраќање премиерот Заев нагласи дека односите меѓу Република
Северна Македонија и Руската Федерација се традиционално пријателски и
нив ги карактеризира позитивен дух, но и одреден неискористен потенцијал, кој
треба да биде одредница за тоа во кој правец би требало да се движат
односите во економската соработка во иднина.

„Во таа насока особено радува фактот дека во дијалогот во Меѓувладината
комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка меѓу Република
Северна Македонија и Руската Федерација, од оваа година е внесена нова
динамика. Тоа е добра основа за оправдан оптимизам за продлабочување на
соработката“, истакна премиерот Заев и додаде дека како поткрепа на овој
оптимизам е и фактот дека двете страни во комисијата, се договориле освен
досегашните области за соработка во енергетиката, транспортот, и
земјоделството, соработката да се прошири и во други области, како и да се
формираат посебни работни групи за сите области, што најавува многу
конкретна работа и ефикасно донесување одлуки од интерес на двете земји и
на нашите граѓани“, изјави Заев.

Премиерот Заев во обраќањето на македонско-рускиот бизнис форум, на кој
Владата на Северна Македонија ја претставуваат и заменик претседателот во
владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за
земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, потенцираше
дека извозот на стоки од Република Северна Македонија во Руската
Федерација може да биде многу поголем и тоа, заедно со застојот на
директните странски инвестиции од Руската Федерација во нашата земја,
сосема природно укажува на насоките каде треба да се развива соработката
меѓу двете земји.