Заев: УКИМ ја препозна својата мисија и обврска да ги постигне европските норми

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија вo вторник вечер се обрати на свечената академија по повод 70 годишнината од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, која се одржа во Национална Филхармонија, и со која отпочнаа активностите од програмата по повод јубилејот на универзитетот и по повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, и Ден на просветните работници.

Во обраќањето премиерот Заев на оваа свеченост, на која присуствуваа членовите на ректорската управа на УКИМ, членови на Сенатот на Универзитетот, поранешни ректори, членови на Академијата на науките и уметностите на Северна Македонија, професори, студенти и други гости членови на академската заедница на нашата земја од странство, Заев рече дека науката и образованието се основни светилници на патот кон подобра иднина за секоја заедница.

„Затоа денот на основањето на Универзитетот Свети Кирил и Методиј е и ден на високото образование во нашата земја. Седум децении оваа наша значајна институција го сее семето на знаењето, а нашата заедница ги жнее плодовите на академската и научната дејност на сите факултети и институти на првооснованиот Универзитет во нашата држава“, рече Заев.

Порача дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е првиот државен универзитет во Република Северна Македонија, формиран во 1949 година со три факултети. Денес, тој претставува заедница на 23 факултети, 5 научни институти, 4 јавни научни установи – придружни членки, 1 придружна членка – друга високообразовна установа и 7 придружни членки – други организации.

Потсети дека на на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, се вклучени повеќе од 60.000 студенти од Република Северна Македонија во прв и втор циклус на студии, како и повеќе од 700 странски студенти. Третиот циклус – докторски студии се реализира во рамките на Школата за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со повеќе од 1000 студенти. Во реализацијата на наставно-образовниот и научниот процес на факултетите и институтите учествуваат над 3.100 наставно-научни и соработнички, како и административни кадри.

„Во досегашниот развој на Универзитетот се создадени околу 150.000 високостручни кадри, над 10.000 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области.
На овој Универзитет се напојувале со знаење и со академски и научни вештини нашите членови на академската и научната јавност, членови на Академијата на науките и уметностите, професорите и наставниците во образованиот систем, научниците што сега се членови на врвни научно-истражувачки институти во светот, нашите досегашни претседатели на државата, премиери, министри во владите.
Денес, во аулите и лабораториите на Универзитетот се образуваат и усовршуваат нашите идни истакнати членови на општествената заедница. Тие ќе ги испишат страниците на иднината на нашата земја, како што нивните претходници ги испишаа страниците на значајното минато и на Универзитетот и на нашата земја.
Историјата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е и историја на нашата земја. Во изминатите 70 години првиот државен универзитет во нашата земја ја исполнуваше својата мисија и со тоа ја исполнуваше визијата на нашата држава: Да создаде институции како составни атрибути на стекнатиот вековен сон – државноста“, рече Заев.

Порача дека оттаму мисијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” да биде автономен, научен, високо­образовен универзитет, кој ќе обезбедува наставна, научна и апликативна дејност во природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените и хуманистичките науки и во уметностите, е државотворна мисија.

„Наша должност е да бидеме сигурни дека она што го оставаме зад нас е силна поддршка на континуитетот на големите идеи на кои беше заснована и мисијата на светите браќа, на идејата на која беше засновано основањето на првиот државен универзитет во нашата земја. Дека таа поддршка е нашиот најдобар придонес“, рече Заев.