Заев: Учебната година ќе почне на 1 октомври


Фото: Б. Грданоски

На први октомври ќе почне учебната година, одговори на новинарско прашање мандатарот за состав на новата влада, Зоран Заев, повикувајќи се на разговорите што ги имале со се’ уште актуелниот министер за образование, Арбр Адеми.

Заев рече дека се земени сите аспекти почнувајќи од здравствените услови, работата на градинките и препораките на здравствените власти, но сепак остави резерва, решението за новата учебна година да биде донесено на првата владина седница.

„Уште на првата седница на владата ќе разговараме за учебната година. Сигурно е дека таа нема да почне на 1 септември. Најверојатно ќе почне на 1 октомври. Периодот од 15 септември до 1 октомври ќе биде искористен за подготовка на учебната. Тенденцијата на подготовките поради здравствените протоколи ја носат работата тоа да биде на 1 октомври. На првата владина седница ќе биде донесена одлука, а ќе следуваат и законски измени “, изјави Заев.

Физичка настава за децата до трето одделение, а за почеток на учебната година онлајн настава за останатите најави министерот за здравство Венко Филипче, кој е дел од телото кое ги даде препораките до владата.