Заев: Третиот сет мерки се за помош на граѓаните и фирмите, но и за развој на економијата


Да се помогне секому кому му е потребна помош, динамичен раст и градење нова развојна македонска економија базирана на иновативни решенија, тоа беа принципите од кои се водевме заедно со Економскиот совет на СДСМ кога го креиравме третиот предлог пакет економски мерки. Ја поздравувам одлуката на Владата да усвои голем дел од нашите предложени мерки, порача денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Со третиот сет економски мерки треба да се помогне секому кому му е потребна помош, да се овозможи заживување на македонската економија преку директна поддршка на граѓаните и на стопанството, да се стимулира динамичен раст и градење на нова развојна македонска економија базирана на иновативни решенија. Ова здравствена криза не стави на тест, нас и целиот свет. Ја тестираше нашата одговорност, солидарност, способност за брз одговор и адаптирање кон новонастанатата ситуација. Горд сум дека нашата држава се исправи пред предизвикот и стоечки и одлучно одговара на предизвикот, изјави Заев пред седиштето на СДСМ.

Тој истакна дека третиот сет економски мерки е во вредност од 355 милиони евра и опфаќа 730 илјади корисници и додаде дека заедно со првите два пакета мерки станува збор за вкупен влог од 550 милиони евра или 5,5 отсто од БДП.

– Да ја претвориме оваа криза во нова можност за структурни системски промени и раст, за модернизација на македонската економија и зголемување на нашата конкурентност  во регионот и пошироко. Во третиот сет се работи за директна финансиска поддршка на граѓаните за зголемување на потрошувачката, директни капитални инвестиции, директна поддршка на стопанството, земјоделството, туризмот и угостителството, но и награда за најизложените здравствени работници во знак на благодарност за нивната работа, посочи Заев.

Рализацијата на овој пакет мерки, додаде, ќе придонесе за поттикнување на приватната потрошувачка, зголемена конкурентност на нашите компании на домашно и регионално ниво, трансформација на дел од економијата со воведување на ИТ и друга технологија во нивното работење, формализација на дел од неформалната економија и зголемена употреба на  безготовинското плаќање како инструмент за сузбивање на сивата  економија. Преку издавање на платежни картички на граѓаните ќе се поттикне поголема потрошувачка, а со тоа и развој на домашните економски дејности.

Во продолжеие лидерот на СДСМ презентираше некои од конкретните мерки од третиот пакет што се наменети за граѓаните како што се платежните картички и ваучери,мерките за млади, викедн без ДДВ…

– Вториот столб од овој сет мерки нуди директна поддршка на македонското стопанство – иновативност и развој за зачувување на постојните и за нови работни места. Преку бескаматните кредитни линии за сите микро и мали компании, во вредност од 31 милион евра, преку Развојната банка, обезбедени се 30 отсто грант како поддршка за жените, младите, фирми кои воведуваат дигитализацијата во бизнисот или пак се извозно ориентирани. Ќе се инвестираат нови 1,6 милиони евра за развој на иновативни продукти и услуги преку ФИТР преку мерката – поддршка за развој на домашни старт ап продукти и услуги, рече Заев.

Со третиот столб од овој сет мерки,како што нагласи, е предвидена и поддршка за земјоделците.

– Аграрниот сектор ќе биде поддржан со пет милиони евра преку Развојната банка, потенцира Заев.