Заев: Требаше да направат спот за бегалката од Будимпешта, а не приспивна приказна за Зоран


Вечерва на собирот во Куманово претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на саркастичен начин ги искоментира неколкуте спотови на ВМРО-ДПМНЕ, а особено последниот со приспивната приказна за деца.

„Ги гледате овие спотовите на ВМРО-ДПМНЕ. Не можам а да не кажам нешто. Не сум за негативна кампања, но веројатно тој што ги искреирал (а знам дека таму само еден одлучува), а знам кој го направил тоа, оти се фали при секоја средба со мене: ‘Зоране, јас не се консултирам, јас сам пресечувам’. Голем демократ. Мислиш дека автократството им е вградено во гените на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Заев.

Тој оцени дека „сето тоа веројатно било искреирано да го засмејува нашиот народ. Го гледате и првиот и вториот спот – се појавува исцелител, семоќен, бог, Супермен Бетмен. Не можете да му се изначудите на човекот“.

Потоа го спомена и последниот видео спот:

„Синоќа се враќам и гледам трет спот. Приказни за Зоран Заев, приказни за мали деца, приспивни. Требало да ја направат приказната за бегалката по сценарио од Будимпешта. Таа е многу убава приказна да слушнат децата што се случува во нашата земја“.

Заев уште рече дека ВМРО-ДПМНЕ не ја исполнила задачата да биде критичко око на власта, „затоа што од кафеана и теретана не можете да водите политика. Мицкоски сега кога ќе се отворат теретаните веројатно нема ни да ги користи, бидејќи тој сака да му пркоси на законот, па да биде сам“. Според него, „човекот е сосема надвор од она што треба да биде нормалност. Не дај боже, државата да ја дадете во такви раце и арогантно однесување“.

Заев уште зборуваше за програмата на СДСМ за овие избори, а на собирот присуствуваше и зборуваше Мухамед Зекири, што беше негово прво излегување во јавноста откако се опорави од корона вирусот. Освен него, во Куманово зборуваа и носителите во Втората изборна единица, Оливер Спасовски и сања Лукаревска. (Н.В.)