Заев: Тамара и тимот станаа херои и глас за гордоста со која жените се борат за своите права


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска ја прими Тамара Тодевска и комплетниот авторски и сценски тим на Северна Македонија што годинава настапи на изборот на Песна на Евровизијата – Евросонг 2019 во Тел Авив, Израел.

Премиерот им додели плакета како знак за признание за добиеното прво место од гласањето на стручното жири за композицијата „Горда“ (Proud), а седмо во вкупниот  пласман, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Заев во свое име, во име на Владата и на граѓаните ѝ се заблагодари на Тамара Тодевска и на целата екипа за, како што посочи, гордоста што им ја приредија на граѓаните со настапот на евровизија со песната „Горда“ (Proud).

Премиерот Заев истакна дека Тамара и тимот на Северна Македонија на Евросонг 2019 станаа херои и силен глас за гордоста со која девојките и жените се борат за остварување на своите права.

Тамара и целиот авторски и сценски тим се заблагодарија за поддршката и ги пренесоа впечатоците од нивниот настап на Евросонг 2019, и истакнаа дека огромната поддршка што ја имаа за цело време пред и за време на финалната вечер, беше дополнителна мотивација и охрабрување за беспрекорниот настап и за големиот успех на целиот тим.