Заев сведочеше за прислушувањето: Мијалков е виновен, но лошотијата доаѓа од Груевски


Фото: Б. Грданоски

Четири години откако ги обелодени „бомбите“ во јавноста и обвинуваше дека тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков масовно прислушува, премиерот Зоран Заев конечно се соочи со него и со другите обвинети за масовното прислушување во судница. Но, во своето сведочење Заев ниту еднаш не го спомена Мијалков, а тој пак немаше ниту едно прашање да му постави на сегашниот премиер. „Немаме прашања“, рече Мијалков во име на сите обвинети. Единствено прашање на премиерот му постави поранешната министерка, Гордана Јанкулоска. Најлутите ривали од пред неколку години во судница беа на ниво, меѓу себе беа учтиви и се однесуваа со особена почит.

Исто како и неговиот советник, Зоран Верушевски, Заев пред судиите потенцираше дека прислушувањето го нарачувал поранешниот премиер Никола Груевски. Надвор од судницата во изјава за медиумите, Заев порача дека со неговото сведочење не го амнестира Мијалков и другите обвинети за прислушувањето, но сепак на врвот од пирамидата го стави Груевски иако тој воопшто не е обвинет за овој случај.

„Сашо Мијалков и тоа како е виновен како директор на УБК, но лошотијата, злобата доаѓа од тој што конзумирал. Чесен политичар го спречува тоа ако го увиди, а не да го консумира, да ги слуша своите опоненти, новинарите кога разговараат со своите деца, кога имаат семејни проблеми“, изјави Заев кога излезе од судницата.

Внатре, пак, Заев одговараше на прашањата на обвинителот Трајче Пеливанов и раскажуваше детали кои веќе ѝ се познати на јавноста. За незаконското следење на комуникациите прв пат слушнал кога станал престедател на СДСМ, во 2013 година, а тоа му го соопштил тогашниот претседател на Комисијата за безбедност во партијата, Зоран Верушевски. Тој му кажал дека поседуваат материјали, документи во пишана форма и аудио материјали од незаконското следење на комуникаците. Заев тврди дека единствено тој како претседател на партијата и Верушевски имале пристап до прислушуваните документи. Кога дознал за материјалите, не ги познавал ниту Звонко Костовски, ниту Ѓорѓи Лазаревски, двајцата „свиркачи“ кои му ги предаваа материјалите на Верушевски. Заев тогаш не знаел како дошле материјалите во партијата, ниту прашувал, ниту го интересирало. Нему му било битно дали овие материјали доаѓат од институциите, а материјалите му потврдиле дека во УБК нелегално се прислушувале околу 20.000 граѓани  од 2008 до 2014 година. Најмногу прислушувани биле високите претставници на тогашаната опозиција, односно најмногу го слушале поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Цвренковски. По него најмногу прислушуван бил Заев, па новинари, експерти, универзитетски професори, претставници на невладини организации, но и високи претставници на тогашната власт. „Прислушувањето се вршело во МВР, односно во Управата за безбедност и контраразузнавање. Тоа го утврдивме од увидот на прислушкувањата, од аналитиката што се правела врз прислушуваниот материјал, од доставувањето на материјалите од Никола Груевски, од еднаквоста, изгледот, структурата. Во тие материјали беа доставени и разговори од посебни истражни мерки“, рече Заев.

За разлика од Верушевски кој во своето сведочење фрли сомнеж дека овие материјалите можеби биле компримитирани кога веќе не биле во под негова контрола, Заев потврди дека материјалите се автентични, а во партијата се чувале според посебни стандарди. Тој лично ги селектирал разговорите и оценувал кои разговори ќе бидат јавно обелоденети, а за превод на албанските разговори бил ангажиран висок функционер на СДСМ, Албанец. Поседувале околу еден милион разговори, а дека има „бомби“ му кажал и на Груевски и на луѓе од обвинителството на кои им верувал. Но луѓето од Обвинителството не можеле да гарантираат дека „бомбите“ ќе бидат процесуирани, а Груевски се шегувал со него и тврдел дека е невозможно да поседува „бомби“ и ги уапсил сите кои имале врска со тие материјали, а нему му го зеле пасошот. До февруари 2015, кога Заев почна да ги објавува „бомбите“, со Груевски се сретнале четири пати, Заев му раскажувал какви материјали поседува, дека знае како договара купувување на плац на Водно, но тој не му верувал, па почна објавувањето на политичките „бомби“, кои разоткрија индиции за криминал на минатата власт.

Сепак клучниот случај поради кој беше формирано Специјалното јавно обвинителство уште нема пресуда, а со сведочењето на Верушевски се релативизираше вината на Мијалков. Тој не му постави прашање ниту на Верушевски иако двајцата „свиркачи“ ги испрашуваше со саати. Заев пред неколку дена ги критикуваше судиите дека не носат пресуди и дека случаите се влечат со години. На критиките до судот индиректно се одзва судијата што го води овој случај, Владимир Туфегџиќ и ги опомена обвинетите да ја почитуваат праксата која ја воспоставиле досега, за да не се развлекува процесот со оглед на тоа што судот е веќе мета на критики за бавно водење на постапките.

Заев се приклучи на кривичниот прогон, но не побара никаква отштета како таргет на масовното прислушување. „Штетата може да биде отстранета со донесување на законска одлука на почитуваниот суд“, рече Заев.

Затоа, пак, на почетокот на изјавата за медиумите Заев пред да одговори на новинарските прашања, предизборно порача„ Се надевам дека ќе го дадете својот глас за СДСМ на престојните избори“.

Фросина Факова-Серафиновиќ