Заев: Соработката со Русија не е алтернатива за ЕУ и НАТО


Премиерот Зоран Заев со својот денешен говор го отвори Македонско-рускиот форум во Скопје и нјави унапредување на економската соработка со Русија.

Сепак, тој истакна дека реактивирањето на Мешовитата меѓувладина комисија со Руската Федерација не претставува никаков одговор кон ЕУ, туку единствено интензивирање на економската соработка.

Премиерот Заев нагласи дека унапредувањето на економската соработка со Русија не значи одалечување од евроатлантските перспективи, туку можност за соработка, каква што има и помеѓу Руската федерација и Германија, Франција и Холандија…

„Ова не е никаква порака. Работиме на подигнување на нашиот стандард. Треба да правиме се што носи бенефит за нашиот народ. Верувам дека аспирациите на земјава ќе се исполнат, но и дека паралелно ќе постигнеме економски просперитет, истакна Заев.

Заев нагласи дека во следниот период најголем акцент во соработката со Русија ќе се стави во секторите земјоделство, енергетика и храна.

„Ние веруваме дека секој пазар, којшто е сѐ уште неотворен, може многу да придонесе во нашето севкупно домашно производство, но и за зголемување на извозот од нашата земја, затоа продолжуваме да работиме во тој правец“, рече Заев.

Македонско-рускиот бизнис форум е во рамки на 9. сесија на Мешовитата меѓувладина комисија која утре, во Охрид, ќе заседава, а се активира по пауза од пет години.

Заев рече дека одлуката за одржување на Меѓувладината комисија е договорена уште во 2017 година.

„Терминот не е избран никако заради одредени пораки или слично. Секако знаете, Германија, Франција, Холандија сите соработуваат со Руската Федерација на економски план и апсолутно тоа не треба да значи никаква порака. Тоа значи дека ние работиме на унапредување на економските состојби во нашата земја. Потенцијалите пред нас се огромни заради ниското ниво на економска соработка што досега сме го имале со Руската Федерација. Се што носи бенефит за нашиот народ треба да го правиме. И ние политичарите од овде и Руската Федерација, и од Брисел и од Лондон, и од Вашингтон и секаде, целиот свет тоа го прави. Ние сме модерна развиена земја, секогаш напоменувајќи дека нашиот пат е интеграција во ЕУ и НАТО и алтернатива за тоа нема“, заклучи премиерот Зоран Заев.