Заев: Со укинување на Преспанскиот договор, би го изгубиле членството во НАТО и во ЕУ


-Како што наближуваат изборите, раководството на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да заговара опасни идеи за укинување на договорот од Преспа. ВМРО-ДПМНЕ сака да го укине договорот кој не внесе во НАТО и не донесе на чекор до преговори со Европската Унија, изјави на денешната прес-конференција лидерот на СДСМ, Зоран Заев, прва по неговото повлекување од премиерската функција за да отвори простор за техничка влада.

Тој кажа дека не мисли дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има дво-третинско мнозинство, но сепак негова должност било да истакне што значат чекорите на опозициската партија, што би значело индиции за нови штети за земјата.

„Неодамна, во октомври 2019 година, Христијан Мицкоски за српски медиуми укажа дека ако имаат 2/3 мнозинство, ќе се отворела можноста за чекор назад по однос на договорот, а за македонските медиуми рече дека ќе го укинеле догворот од Преспа. Советничката на Мицкоски, Каракамишева отворено побара да се укинат амандманите во Уставот“, истакна Заев.

Лидерот на владејачката СДСМ кажа дека укинувањето на Преспанскиот договор би значело нови поделби и нови блокади, како и губење на НАТО членството.

„Би го вратило ПЈРМ, односно ФИРОМ, име со кое бевме именувани на сметка на уставното име, а ќе значи губење на НАТО членството, ЕУ перспективата. Со сигурност ќе ослабне или ќе се изгуби поддршката од нашите пријатели, ќе има нови блокади од Грција, нова внатрешна нестабилност и ризици од поделби. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не успеја да испреговара со Грција решение во кое истовремено ќе се признае етничкиот идентитет на македонците, македонскиот јазик и ќе се зачуваат кодовите МК и МКД“, рече Заев.

Според него, укинувањето на договорот од Преспа е опасност и за внатрешната, но и региналната безбедност и го повика раководството на ВМРО-ДПМНЕ да престане со манипулативни изјави за укинување, менување или поништување на договорот.

„Укинувањето на договорот од Преспа е опасно за државата, а сите што заговараат укинување на договорот, заговараат опасност за државата. Затоа тука е целата демократска јавност, тука сме јас и СДСМ да гарантираме дека договорот ќе живее и ќе даде иднина, што значи членство во НАТО, преговори со ЕУ, странски инвестиции, европски фондови, работни места, добри плати, соработка со соседите и заштитен македонски идентитет. Ако нема Преспа, нема иднина. Јавно го повикувам раководството на ВМРО-ДПМНЕ да престане со опасните и манипулативни тези за укинување, поништување и менување на договорот од Преспа, со што се доведува во прашање членството во НАТО и внатрешната и регионалната безбедност. Тоа значи веднаш почитување на Уставот и законите во земјата. Укинувањето ќе значи враќање најмалку 25 години назад, во старите конфликти, поделби, етнички поделби, сиромаштија и блокади“, нагласи претседателот на владејачката СДСМ, Зоран Заев.

Заев додаде дека не очекува ВМРО-ДПМНЕ да победи на изборите, но чекорите на закани и непочитување на Уставот и законите од страна на опозициската партија, нанесува штета и прави провокации.