Заев со Оланд и Ципрас: Во критични времиња народите од Европа мора да бидат здружени


Премиерот Зоран Заев, кој од вчера престојува во работна посета на Атина, на својот профил на Фејсбук објави дека синоќа имал вечера со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас и екс-претседателот на Франција, Франсоа Оланд, со кои се согласиле дека „ова е време кога заедно со националните интереси на секоја земја, ги споделуваме и солидарноста и кохезијата за да направиме уште еден чекор напред кон подобра заедничка иднина“.

„Првиот работен ден на конференцијата на угледниот ‘Економист’ во Атина го завршуваме со заедничка констатација дека во критични времиња, предизвикани од пандемијата со КОВИД-19, народите од Европа мора да бидат здружени во справувањето со заканата по здравјето на граѓаните, на јавното здравје, на економијата и на општественото живеење“, наведе Заев во објавата.

Тој потенцира дека пандемијата со КОВИД-19 значително го промени нашето секојдневие, но заедно сме тука за да станеме посилни, за да ја совладаме и победиме заканата која предизвика здравствена, економска и социјална криза.

„Заеднички ја исцртуваме стратегијата за да излеземе од кризата посилни и со продлабочено пријателство од справувањето со кризата“, додава премиерот Заев на  Фејсбук.