Заев со нов рок: СЈО да се договори пред одлуката за датум за преговори


Состанокот на министрите на ЕУ на 18 јуни , е новиот рок што го постави премиерот Зоран Заев за договор за Законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство. Премиерот  вели дека нерешавањето на ова прашање може да биде изговор некои земји членки на ЕУ да се спротивстават на одлуката за доделување датум за преговори и затоа апелира што побрзо да се постигне договор.

„Не би сакал јас како премиер и ние како држава воопшто да им оставиме каков било аргумент на земјите членки да не ја прифатат препораката за преговори заради нерешавање на ова прашање“, истакна премиерот.Последните чекори, според Заев, биле успешни за на крајот власта да добие сосема нови предлози кои, како што рече, ги враќаат буквално да седнат и да пишуваат нов закон.

„Ова не е решение и затоа апелирам на одговорност заради тоа што дефинитивно големите суштински работи се решени. Верувам дека останаа само политичките. Подготвен сум, ако се решат до крај суштинските прашања да седнам на лидерска средба и да ги дефинираме политичките работи. Убаво би било пред да се одржи министерскиот совет на ЕУ и ова прашање да биде решено или барем да испратиме изјава дека сме се договориле. Ако не друго, за да не им даваме аргумент да не го одредат датумот за почеток на преговори“, појасни Заев.

Во извештајот на Европската комисија нема точен рок до кога треба да биде донесен овој закон, а во последната изјава еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан вели дека работата со опозицијата за финализирање на законот за СЈО е при крај.

Извршната директорка на Коалицијата сите за правнично судење, Натали Петровска, вели дека според нејзиното толкување на извештајот на ЕК, СЈО треба да опстане како институција за гонење на висок криминал и корупција.

„Европскиот извештај нема стриктна категоризација дека тоа треба итно да се направи. Тоа е процес на кој моментално работи политичката структура и би требало да го доработи за да се избегне политиката на неказнивост. И во самиот извештај стои дека СЈО има покренато истраги и дека треба и понатаму да се движи работата на таа институција“, вели Петровска.

Граѓанските организации, кои критикуваа дека клучниот Закон за јавно обвинителство бил подготвуван нетранспаретно и без нивна консултација, соопштија дека се сретнале со министерката за правда, Рената Дескоска и ѝ ги кажале нивните забелешки за нацрт законот. Главните забелешки на граѓанските организации  се судирот на надлежностите на СЈО и обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, ограничувањето „бомбите“ да не можат да се користат како докази и честиот реизбор на обвинителите.

Според Петровска, законот треба да се доработи и да се прецизира кои се точно надлежностите на обвинителствата, односно СЈО да продолжи со гонење на висок криминал и високи државни функционери. Клучно сепак за неа е тоа што законското решение предвидува „бомбите“ да не можат да се користат како докази во одредена фаза од постапката.

„Законот за кривична постапка утврдува дека она што не е доказ во постапките би требало да биде прифатено или не, индивидуално од самите судови. За ова говори праксата на Европскиот суд за човекови права и домашната , со оглед дека кривичниот суд ги има прифатено снимките како доказни материјали“, вели Петровска.

Одредбите на предлог законот кои предвидуваат ротирање на обвинителите во СЈО, односно реизбор на нови обвинители во СЈО на секои шест месеци, според граѓанските организации, не се соодветно решение со оглед на тоа дека се инвестирало многу во сегашните обвинители во СЈО, а вака се отвора можност да дојде до запирање на истрагите.

Организациите ги доставиле забелешките, но велат дека крајниот исход не го знаат бидејќи зад ова законско решение стојат политички калкулации.

Владата и опозицијата не успеаа да постигнат договор за СЈО пред објавувањето на извештајот на Европската комисија, но во извештајот прецизно пишува дека постапките за прислушувањето и сите истраги кои произлегоа од „бомбите“ треба да продолжат.

Фросина Факова – Серафиновиќ