Заев: Сјајот на сонцето е посилен од отсјајот на Мицкоски


Во импресивна сценографија видена од дрон, на крај на пат, високо на Пониква, СДСМ одржа вечерва митинг за Кочани.

„Јадат комарците, но навикнат сум, мене Мицко ме јаде долго време, не може да спие од мене, но додека мене ме јаде си го подјадува рејтингот“, го почна обраќањето лидерот на СДСМ, Зоран Заев, посочувајќи на најновата анкета според која предноста на СДСМ не била 1,6 отсто туку  3,6, а по негова проценка водството на СДСМ е 5,2 отсто во однос на ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас знам дека ќе победиме, но ни треба глас повеќе за постабилна позиција, за никој да не не уценува“, рече Заев, посочувајќи ја ДУИ на која ѝ посака да оди во опозиција, за да дојдат нови сили кои ќе влечат напред. „Доволно видовме од нив“, рече Заев. Тој се опиша себеси како човекот кој комплетно го исполни Рамковниот договор, дека нема предрасуди кон ниту една етничка група, но дека уцени – никако не прифаќа.

Тој, како и на претходните митинзи, ги посочи сите храбри одлуки, економски, здравствени, социјални или надворешнополитички.

„Благодарение на таа храброст денеска сме членка на НАТО и имаме одлука за почеток на преговорите со ЕУ. Денес ги живееме идеалите, нашите цели се постигнати. Затоа барам поддршка од вас, бидејќи не сме исти сите во политиката. Кога требаше храброст, покажавме храброст. Кога требаше да се носат одлуки, ги донесовме. Кога требаше да покажеме дека за време на најголемите и најтешките одлуки може да ја развиваме економијата, тоа го покажавме. И денес ги гледаме резултатите. Ги исполнивме стратешките цели и денес имаме земја признаена од целиот свет во која живеат Македонци, кои зборуваат македонски јазик признат од целиот свет, создадовме пријатели околу нас и отворивме перспективи за идните генерации“, рече Заев, тврдејќи дека ги отвориле сите можни перспективи и апсурд е сега да се враќа назад режимот на претходната власт.

Објавувањето на преговарачката рамка од страна на ЕУ тој го посочи како најнов успех и како прв чекор до целта македонскиот јазик да биде еден од службените јазици на ЕУ. Според него, голиот квази патриотизам од луѓето кои беа околу Груевски 11 години сѐ повеќе се разобличува, а се  разобличува и Мицкоски, бидејќи се бори само за пари и за власт, алудирајќи на критиките од опозицијата околу Преспанскиот договор и решението што го прифати Владата на СДСМ околу јазикот, односно тврдењата дека сме го продале јазикот и идентитетот.

„Сјајот на сонцето е посилен од отсјајот на Мицкоски“, рече Заев.

Тој ги повика кочанци да гласаат за СДСМ, бидејќи никогаш во овој регион не се градело толку како сега, набројувајќи повеќе проекти.

„Ја имате пред вас единствената мултиетничка коалиција. Која единствена во сите изборни единици има листи пола на пола со мажи и жени. Заради тие два атрибута вреди да се гласа за нас. Вреди и поради храбрите одлуки што ги носевме. Вреди бидејќи сме од Истокот“, рече Заев барајќи поддршка за втор мандат за да покаже економски резултати.

Носителот на кандидатската листа во Третата изборна единица и генерален секретар на партијата, Љупчо Николовски, рече дека Источниот регион е вистински пример како локалната и централната власт заеднички работат во интерес на граѓаните.

„Ги решаваме храбро сите проблеми наследени со генерации и Истокот кој беше најзапоставуван регион, го направивме регион кој најсилно се развива. Веќе нема регионални патишта во овој регион кои не се реновирани, општините добија огромна поддршка и денес гледаме дека имаме многу проекти и во руралните средини“, рече Николовски, додавајќи дека во следниот период ќе се фокусираат кон тоа да ги вратат младите во овој регион, како и да се извезуваат нашите брендирани производи.

Тој ги повика граѓаните да излезат на гласање и да го изберат концептот на чесни политичари, на многу работа и на враќање на парите кон граѓаните.

Николовски потенцираше дека петте клучни мерки  во делот на земјоделството денеска се целосно реализирани и унапредени во интерес на земјоделците и нивниот развој.
„Ветивме ревизија на земјоделското земјиште и начинот на кој се доделувало. За само две и пол години раскинавме договори за 24 илјади хектари површини и за истите сега склучуваме договори со вистинските земјоделци. Ветивме дека ќе воведеме нова мерка за зелена нафта, ја воведовме минатата година со поддршка од 30 проценти. Оваа година 55 илјади земјоделци ќе добијат зелена нафта со покриеност од 50 проценти, а до крајот на мандатот таа ќе биде покриена 100 проценти. Ветивме дека ќе имаме редовни, навремени и неселективни субвенции. Не е далеку периодот кога овде зборувавме за уценети земјоделци и за субвенции што се делеа по месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николовски и нагласи дека веќе трета година по ред субвенциите се исплаќаат навремено, во ист ден и на производителите на ориз и на лозарите и на полјоделците.
Николовски нагласи дека се инвестира силно  во нови системи за наводнување и низ Истокот и низ целата земја. Тој најави дека започнува изградбата на три модерни откупно дистрибутивни центри во Струмица, во Скопје и во Ресен. (Н.В.)