Заев: Силна поддршка за отстранување на бесправно изградените објекти во Охрид


 Премиерот Зоран Заев денеска на својот фејсбук профил објави дека изразува силна поддршка за „одлучната акција“ за отстранување на бесправно изградените објекти на охридското крајбрежје, што ја спроведува Општина Охрид и градоначалникот на Општината, Константин Георгиески.

– Правната држава става крај на хаосот и импровизациите на територијата на Охридскиот Регион и на езерското крајбрежје прогласено за светско наследство, заштитено од УНЕСКО, со цел да го реафирмираме владеењето на правото и да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните, напиша Заев.
 
Премиерот посочува дека сите се еднакви пред законите и сите мора да ги почитуваат. Ова, како што појасни тој, особено е важно кога е во прашање заштитата на вредностите на светското наследство.
 
– Општина Охрид презема храбри и конкретни чекори кои сите треба да ги поздравиме. Се надевам дека наскоро ќе може да ја поздравиме и одлучноста на Општина Струга, наведува премиерот Заев во објавата на Фејсбук.
 
На слично мислење е и евроамбасадорот, Дејви Гир.
 

– На дивоградбите не им е местото покрај Охридското Езеро и треба да се отстранат, напиша денеска на Твитер амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.

Евроамбасадорот смета дека уникатното природно и културно богатство во регионот – признато од УНЕСКО – мора да се зачува.

–Заштитувајќи го наследството на Охрид сега, ние исто така инвестираме во работни места и во угостителската индустрија денес и утре, пишува Гир на твитер.