Заев-Шарац: Преговори со Северна Македонија и признание за постигнатите резултати

– Словенија и Северна Македонија се добри пријатели и партнери. Во Словенија сакаме што побрзо да ја видоме вашата земја во НАТО и ЕУ и се надеваме дека Северна Македонија во октомври ќе почне преговори за членство во ЕУ. Тоа е наш заеднички проект. Сакаме земјата да добие признание за постигнатите резултати, порача словенечкиот премиер Марјан Шарец, на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев.

– Темел на сите односи е да се разбереме едни со други. Во Словенија искрено веруваме во вашето членство во НАТО и ЕУ.

Посочи дека склучувањето на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, како и реформите покажуваат дека оваа Влада е подготвена на своите граѓани да им овозможи евроатлантска иднина.

– Очекувањата на Северна Македонија се големи, но заслужени. Почетокот на преговорите значи половина завршен пат. Патот ќе биде долг, но Словенија ќе помогне како што и досега помагаше, изјави Шарец.

Прашан што ќе биде со Франција, Шарец повтори дека Словенија ја поддржува нашата земја, но дека не знае што може да биде.

– За Париз верувам и посакувам дека до тогаш ќе надвладее ставот дека Северна Македонија заслужува почеток на преговори. Повеќе не можам да кажам, но верувам дека ќе надвладее ставот дека Северна Македонија е зрела за почеток на преговори. Тие преговори нема да бидат лесни и ќе бидат долги, но почетокот е половина пат, изјави Шарец.

Премиерот Заев потенцираше дека Словенија е наш голем пријател и поддржувач

– Република Словенија е петтиот најголем инвеститор со 375,9 милиони евра странски директни инвестиции. Ова покажува дека словенечките инвеатиции се нераскинлив дел од нашата еконимија, изјави Заев.

Пријателството, посочи Заев, го покажавме и во потешки времиња како мигрантската криза, кога Словенија ни пружи голема помош.

– Нашето очекување е дека после 10 години, конечно, со завршени реформи и пример за добрососедски односи, ќе почнеме преговори. Навистина не очекуваме еден од попозитивните примери на Балканот и Европа да биде казнет и да се врати на национализмот, изјави Заев.

Наша аспирација, нагласи Заев не е веднаш да бидеме земја членка, туку да ги почнеме преговорите, изразувајќи уверување дека земјите кои немаат чист став за почеток на преговори со нашата земја, е само поради внатрешните дебати дома.

Заев и Шарец попладне ќе ја посетат Кота 59 на јужната граница, каде ќе остварат средба со контингентот на офицерите на словенечката полиција.