Заев: Северна Македонија во јануари станува членка на НАТО


Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, најави дека нашата држава во јануари ќе стане полноправна членка на НАТО.

Заев истакна дека и Шпанија и Франција наскоро ќе го ратификуваат пристапниот протокол.

Тој на партиската трибина во Велес истакна дека во петокот премиерот на Шпанија Педро Санчес му рекол дека набрзо ќе биде формирана новата тамошна влада по изборите одржани на 10. ноември.

„Шпанија многу брзо ќе формира влада и ќе го ратификува протоколот за НАТО што го очекуваме. Кон крајот на ноември Франција ќе го ратификува во Парламентот, бидејќи Сенатот веќе тоа го направи. Така, сите земји на НАТО ќе го ратификуваат протоколот“, изјави Заев синоќа на трибината за време на партиската кампања „На прав пат“.

Шпанија и Франција се последните од 29-те членки кои треба да го ратификуваат протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.