Заев се заблагодари на ЕУ за помошта


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев учествуваше на вонредниот состанок на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) кој се одржа преку видеоконференција, а на кој се разговараше за надминување на економските последици предизвикани од кризата со коронавирусот.
Заев го поздрави предлогот на пратеничката група на ПЕС (Социјалисти и демократи) поднесен до Европскиот парламент, а кој има за цел подготовка на пакет мерки за справување со економските последици од коронавирусот.
„Целосно го поддржувам предлог планот на ПЕС за брзо економско закрепнување во вредност од 1,3 трилиони евра, средства кои, во голем дел како форма на грантови ќе се распоредуваат по државите за излез од кризата. Овој план кој се заснова на солидарност и меѓусебна поддршка во голема мера ќе значи силна поддршка на економиите, нивна стабилизација и полесно пребродување на кризата“ посочи Заев.
Тој ја искористи приликата да се заблагодари на помошта што Република Северна Македонија ја добива од Унијата во справувањето со здравствените и економски последици од коронавирусот.
„Изразувам особена благодарност за се она што ЕУ го прави за Северна Македонија како помош во битката против корона вирусот. Благодарни сме што нашата земја е исклучок во забраната за извоз на здравствена опрема од ЕУ, што нашата држава е вклучена и добива помош преку Европскиот механизам за цивилна заштита. Секако, голема благодарност и за финансиската помош од ЕУ. За нас, тоа се значајни финансиски средства, затоа што создаваме план за спас на секое работно место, за зачувување на секоја компанија, а со тоа и побрзо надминување на економската криза“, заклучи претседателот Заев.