Заев: Се уште не се размислува за полициски час и карантин

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека се уште нема показатели кои би укажувале дека е потребно да се воведе полициски час или карантин поради пандемијата со корона-вирусот.

Јас лично, рече Заев, сум против вакви мерки, но не е исклучено да се донесат, доколку Комисијата за заразни болести процени дека се потребни и ги препорача. Со ангажаманот на Армијата како поддршка во справувањето со корона-кризата, според него, се праќа уште една порака дека сите капацитети на државата им се ставаат на расположение на граѓаните.

– Ниту Владата, ниту министерот за здравство не пресекуваат сами. Мерките се носат на предлог на Комисијата за заразни болести. Првите согледувања што ги добивам како инфорација од министерот Венко Филипче се дека резултатите од досегашните мерки се видливи. Прво, веројатно поради стравот од казни согласно законот, а потоа најверојатно поради стравот од заразата. Трето во пракса ќе видите дека по 21 часот речиси и да нема луѓе надвор или било какви групирања. Исто така, онаму каде се случуваат прекршувања се преземаат драстични ригорозни мерки, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање по увидот на работните активности на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар.

Она што го гледаме денеска, додаде Заев, е оти прво е голема желбата да се заштитиме себе и најблиските, што, како што рече, продуцира максимално носење маски на отворено. Второ, потенцира тој, се избегнува групирањето, а трето се почитуваат сите препораки дури и таа за недвижење по 21 часот освен во најнеопходни услови.

– Доколку би се вовел полициски час тој би бил од 21 до изутрина. Тоа и сега функционира без полициски час, со таа разлика што службите кои би се грижеле за негово спроведување може да завршат друга квалитетна работа. Тоа нема посериозно да смени ништо, рече Заев, но, не ја исклучи можноста од негово воведување, ако за тоа дојде препорака од Комисијата поради промена на состојбата.

И мерката за карантин, рече премиерот, може да се донесе во кое било време.

– Јас лично сум против полициски час и карантин и слично, но ако има потреба и се јават причини за тоа ќе се донесе таква одлука. Но, во моментов, како што реков, јас лично не гледам причини за тоа. Сепак, јас сум само нестручен човек за таа работа, јас само ја водам Владата, која е подготвена секогаш да биде свикана и да ги донесе најнеопходните мерки, истакна премиерот.

Тој додаде дека во насока на обезбедување на подобра заштита на граѓаните и зголемување на капацитетите на здравствениот систем е и вклучувањето на младите специјализанти, подготовката на специјалистичките одделенија и други здравствени капацитети да примаат пациенти позитивни на коронавирус.

– Драго ми е што помина Буџетот и што има 243 милиони денари за здравството, за награда на здравствеите работници, за набавка за вакцини, на лекот ремдесивир… Тоа се е во насока на зголемување на капацитетите и гаранција на заштитата на граѓаните, посочи Заев.

Во врска со вклучувањето на Армијата, премиерот истакна дека тоа е искуство преземено од многу други европски земји кое се покажало како доста пзитивно решение. Пораката која се сака да се испрати со ангажирањето, рече премиерот, е дека сите капацитети на државата им се ставаат на располагање. Заев потсети дека Армијата и во текот на пролетта беше ангажирана во поддршка за справување со коронакризата.