Заев се сретна со „киднапираниот“ Кастриот Реџепи


Премиерот Зоран Заев имаше средба и разговараше со пратеникот Кастриот Реџепи за потребата да се обезбеди стабилно парламентарно мнозинство.
 

-Заев и Реџепи уште еднаш ја потврдија заедничката заложба за одржување и зајакнување на реформскиот и европскиот курс на земјата, како определба на огромното мнозинство граѓани на нашата земја.Тие потенцираа дека во последните години државата и народот направија големи чекори за обезбедување сигурна и безбедна иднина, при што изразија уверување дека народната волја за мирно и заедничко живеење во Северна Македонија и натаму ќе биде изразена преку стабилно демократско мнозинство во Парламентот.

Двајцата соговорници се согласни дека односите меѓу Македонците, Албанците и сите други етнички заедници во Северна Македонија се братски, пријателски и другарски и дека сите политички чинители имаат и обврска и одговорност овие односи да ги негуваат и унапредуваат. На средбата беа изнесени очекувања за конечно исполнување на ветувањата од страна на Европската Унија и за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, со што би започнале преговорите за членство на нашата земја во ЕУ, стои во соопштението за средбата. 

Истовремено другиот Реџепи, Скендер Реџепи од Алтернатива, изјави дека верува дека партијата ќе донесе одлука да биде дел од Владата затоа што, како што вели, интеграцијата на земјата во ЕУ е приоритет пред уривањето на власта.

– Начелно верувам дека Алтернатива ќе биде дел од Владата. Разликите во партијата се истопија и очекувам органите на партијата да донесат одлука за влез во Владата, но сепак ќе почекаме до конечната одлука. Интеграцијата на земјава во ЕУ е приоритет пред уривањето на Владата. Верувам дека предност ќе дадеме на евроинтеграциските процеси, како и на остварувањето на програмата на Алтернатива која им ја вети на граѓаните и на нашите избирачи, истакнува Реџепи во изјава за „Слободен печат“.

Вели дека досега немало понуда за министерски места за „Алтернатива“ и очекува сликата да биде појасна по средбата на двајцата лидери Зоран Заев и Африм Гаши, која според најавите, ќе се одржи утре.

Во однос на изјавата на генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари дека во случај „Алтернатива“ да влезе во Владата, доколку опозицијата создаде парламентарно мнозинство, тогаш „Алтернатива“ пак ќе гласа за уривање на Владата, Реџепи со став дека ако „Алтернатива“ одлучи да остане во Владата, тогаш тоа ќе биде до крајот на мандатот на Владата.

–  Таравари сигурно мисли на Беса, а зборува за Алтернатива. Ние сме Алтернатива, не сме Беса. Ако Алтернатива одлучи да биде дел од власта тој договор ќе важи до крајот на мандатот на Владата, нагласува Реџепи