Заев се сретна и со шпанскиот премиер Санчез
Шпанскиот премиер Педро Санчез и неговиот колега Зоран Заев попладнево на нивната средба заклучија дека посетата на македонскиот премиер на Мадрид е историска, затоа што е прва и отвора нова страница во натамошниот развој меѓу двете земји.
На средбата, на која присуствуваше и вицепремиерот Никола Димитров, Санчез истакна дека неговата земја е силен поддржувач на Северна Македонија во остварувањето на европската интеграција на државава, нагласувајќи дека поддржува почеток на преговорите и за Северна Македонија и за Албанија во исто време.
Санчез нагласил, како што соопштува владината прес-служба, дека Шпанија многу високо ги оценува реформите што ги спроведува Северна Македонија и потенцирал дека тоа, како и исполнувањето на другите критериуми за пристапување во ЕУ, се најважни процеси кои земјата ги оствари и испорача кон Брисел.
Двајцата премиери оваа прва средба на премиерско ниво ја оценија и како особено значајна за стопанствениците од двете земји и тоа е поттик за бизнисмените од двете страни да соработуваат на заеднички инвестициски проекти.
Меѓусебната поддршка меѓу двете земји и двете влади е очекувана бидејќи неопходно е прогресивните сили да се поддржуваат на патот кон просперитетот, нагласија премиерите Санчез и Заев.