Заев: Се случи уште едно бегство, ќе има одговорност


Народот бара правда, а се случи уште едно бегство, рече премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање во врска со исчезнувањето на обвинетиот во случајот „Таргет-Тврдина“, Сашо Мијалков.

„Како и целнит народ, така и јас, сме разочарани што сѐ уште не е пронајден и не е приведен. Односно, не е однесен во домашен притвор. Барам веднаш да постапат институциите и да го пронајдат Сашо Мијалков“, рече Заев. Според него, одговорност ќе се побара откако ќе бидат познати деталите за случајот.

Тој тврдеше дека нема политички договор за бегството на Мијалков и дека очекува поскоро да биде лоциран и ставен во притвор.

„ Апсолутно нема политички договор. Прво, јас сум среќен што како извршна власт обезбедивме услови и во време по режим е организиран правен процес.Очекувам оваа седмица да финишира процесот, веќе е најавена казна, и веројатно тоа е причината зашто лицето Сашо Мијалков не можело да биде пронајдено дома. Очекувам да има комплетна разрешница на случајот., како што очекувам час поскоро да биде лоциран и ставен во домашен притвор, рече Заев.

Запрашан како би се очекувала одговорност за бегството на Мијалков кога никој не понесе одговорност ниту за бегството на експремиерот Никола Груевски, Заев порача дека очекува целосна истрага за тоа дали некој затаил во спроведувањето на решението за притвор, а согласно тоа, како што вели, јавно ќе побара одговорност.

„Нема да навлегувам во деталите заради тоа што сум транспарентен, не можам да реметам истрага и ќе испадне дека сум истражител или обвинител судија.  Јас и народот сме разочарани и очекувам лоцирање и пронаоѓање за, доколку биде осуден, да си ја лежи казната. Очекувам детали што се случило, каде бил, како е спроведено решението, зошто не е пронајдено лицето и слично. Согласно тоа, најавувам одговорност.Дали ќе биде БЈБ, АНБ,министерот, премиер и кој било што има погрешено. Доколку постои одговорност, ќе се бара од кого и да е, рече Заев.

 На прашањата зошто полицијата не го чувала Мијалков пред пресудата, со оглед дека му се заканува висока казна, Заев рече дека очекува комплетна истрага дали имало решение за притвор во МВР и не се спровело и дека за тоа ќе има одговорност. МВР според него има право да набљудува во јавни простори за лица за кои постои сомневање  дека може да избегаат и уверен е дека го направиле тоа. Но, рече тој, за да ограничи права и слободи, треба да има судско решение.