Заев: Се што обвинува опозицијата е бла, бла…


Сите што употребија насилство и кои го организираа 27- ми март во Собранието се пред судот на правдата, истакна лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој одговори на новинарско прашање зошто се уште насилниците кои учествуваа во овој настан се уште не се казнети.

-Со Законот за амнестија преку Парламентот, а не преку притисоци и влијанија на правосудството, преку Парламентот јасно направивме разграничување на сите тие што користеле насилство и го употребија насилството и се влезени во организација на тоа насилство и на сите оние што беа изманипулирани. Тука беа пратеници и илјадници граѓани изманипулирани коишто влегоа внатре. Затоа се донесе Законот за амнестија да се направи јасно разграничување, вели Заев.

Лидерот на СДСМ додаде дека  тие што беа изманипулирани, без разлика дали  се пратеници или граѓани коишто, како што рече, влегоа и прошетаа во Собранието без да прават какво било насилство беа амнестирани со Законот за амнестија на транспарентен начин во парламентарна демократија преку највисокиот дом – Парламентот.

– Сите коишто употребија насилство, коишто го организираа тоа насилство се извлечени пред судот на правдата, голем дел од нив се осудени, дел траат се уште судски процеси и тоа е јасно. Затоа секогаш се што сме работеле сме работеле на јасен видлив и транспарентен начин. И треба да се прави јасна дистинкција и разграничување – секој што е изманипулиран, секој што не е виновен не треба да биде осуден. Секој што е виновен, секој што правел насилство, секој што правел криминал, ги кршел законите , треба да одговара пред Законот и пред правдата, вели Заев.

Околу „бомбите“ според кои опозицијата тврди дека е замешан во корупција Заев рече:

Чуден е овој Мицкоски и неговите околу него. Секаде тој се слуша во едни други бомби како тој договара, како прави криминал, како заштитува криминалци, како го опструира носењето на Законот за јавно обвинителство, како редовно прима пари за финансирање на партија и на кампања. Заев работел чесно, Заев работел поштено, Заев покажал комплетна посветеност за својот народ, за својата земја. Уште еднаш ќе испратам порака до сите дека сето ова што власта го правеше во целиот овој период е конкретно видливо и докажливо. Сето она што го зборува опозицијата е бла, бла, ништо повеќе.

Требаше храброст за да падне режим – 2015 видоа храброст, требаше храброст да го обединиме нашето мултиетничко општество, да го создадеме концептот „Едно општество за сите“ за да денеска имаме мирни духови – еве им храброст, вели Заев.