Заев се повлече од тело за украс


Премиерот Зоран Заев воопшто не присуствувал на последните неколку седници на Советот за имплементација на реформите во правосудството, а одлуката да се повлече не ја соопшти најверојатно случајно пред вториот круг на претседателските избори, за да покаже дека ги слушнал критиките за евентуално влијание на извршната врз судската власт. На неговото место официјално седна министерката за правда Рената Дескоска, која исто така е дел од извршната власт. На конститутивната седница на Советот за следење на имплементацијата на стратегијата за реформи на правосудниот сектор, Заев рече дека ова тело се формира со цел враќање на дигнитетот на правосудството, обезбедувањето правда и право согласно очекувањата на граѓаните.

Една година по конститутивната седница, телото има одржано десетина седница, а последната седница се одржала во февруари. Некои од членовите на ова тело велат дека Советот не го постигна очекуваниот ефект, односно адвокати, обвинители и судии кои секојдневно се соочуваат со законите и нивното спроведување во пракса, да дадат свои сугестии. Член на ова тело брифира дека добар дел од законите што се носат заради политички поени воопшто не поминуваат во ова тело.

„Ние како членови на ова тело дискутираме и даваме забелешки, но на крај кога ќе влезе законот во собраниска процедура очигледно е дека некој става амандмани и го менува текстот, и крајниот резултат е дека не е она што сме го предложиле“, брифира член на Советот алудирајќи на политичкиот Закон за амнестија кој беше донесен во Собранието.

Од Министерството за правда велат дека на последната седница на Советот за судски реформи се разгледувала анализата на судската мрежа. Во меѓувреме немало други седници поради фактот што немало други закони што би се разгледувале во изборниот период. Оттаму тврдат дека биле земени предвид сите предлози на членовите, но дел не соодветствувале со барањата на Венециската комисија.

„Сите предлози на седниците на Советот за судски реформи беа разгледувани. Одредени препораки не соодветствуваа со барањата на Венециската комисија и ЕК. Иако сите го поддржаа предлогот за избор на судии од редот на стручните соработници без да го поминат филтерот на Академијата за судии и јавни обвинители, сепак овој предлог не беше прифатен од ЕК. На последната седница од минатата година беа разгледувани и двете верзии на Законот за јавното обвинителство и врз основа на мислењата од оваа седница, законите беа пуштени во процедура. Максимално се искористени мислењата на членовите од Советот. Одредени формулации за Законот за судови беа направени токму со придонесот на Советот за реформи. Сите мислења на Венециската комисија беа разгледувани на Советот и на седниците се дискутираше како тие да бидат имплементирани во реформските закони“, велат од Министерството за правда.

Ефектите од формирањето на ова тело не се многу видливи и, според долгогодишниот адвокат Никола Лазаров, судството во Македонија се реформира со децении, но сè уште нема вистински реформи. Лазаров вели дека треба да се направат сериозни анализи и да се формираат сериозни тела.

„Ако политичарите сакаат да бидеме правна држава, треба политички консензус на сите политички партии. Партиите од власта и опозицијата да седнат и да се договорат, да направат реформи, но не вакви. Во недостиг на сила за персонални промени на определени кадри во судството, тие вршат измени на законите со кои се прави само некоја шминка. Секогаш се повикуваат на Венециската комисија и на усогласување, а всушност се кријат зад сето тоа. Јас сум бил учесник во Венециската комисија, таа ти го дава она што ти ѝ го сервираш, таа не наметнува правила, таа само го оценува она што го правиме и затоа не треба да се криеме зад тие тела“, изјави Лазаров во гостување на 1ТВ.

Вниманието на јавноста кон работата на ова тело се насочи откако премиерот Зоран Заев на трибина во Куманово соопшти дека пред два месеца се повлекол од ова тело со кое претседаваше помалку од една година. (Ф.Ф.С.)