Заев: Се кочи разрешувањето на Јово Вангеловски


По обвинувањата на градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, дека премиерот Зоран Заев барал од него да се смени претседател на суд, Заев во изјава за медиумите открива дека некој во Судскиот совет, алудирајќи на членовите избрани по предлог на ДУИ, го кочат, односно одолговлекуваат носењето на одлука за разрешување на претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски. Заев вели дека разговарал со Беџети како раководител на правниот тим и му порачал дека не треба да оставаат впечаток дека се одолговлекуваат процесите во Кривичниот суд и во Судскиот совет.

„Ако сакаме владеење на правото судиите сами треба да одлучуваат и не треба да ги одолговлекуваме процесите, да се кочат и да се одложуваат“, изјави Заев.

Разрешувањето на Вангеловски беше ставено на дневен ред на седницата на Судскиот совет на 17 јули, но беше одложено на барање на новоизбраниот член Миљазим Мустафа, кој изјавил дека доцна ги примил материјалите од извештајот на тричлената комисија од Судскиот совет, која предложи Вангеловски да биде разрешен.

За разрешување Вангеловски е предложен заедно со уште двајца врховни судии, кои заедно надгласаа двајца колеги во кривичниот совет на Врховниот суд, со што му го укинаа притворот на тогаш избеганиот Сеад Кочан.

Судскиот совет требаше да расправа за разрешувањето на Вангеловски и на седницата на 10 јуни, но новиот претседател на Советот, Киро Здравев, на дневен ред стави тројца други судии, од кои двајца се врховни и токму Вангеловски им поднел иницијативи за разрешување.