Заев се „измете“ од Советот за реформи во судството


Пред една година, по оставките на неколкумина универзитетски професори, премиерот Зоран Заев седна на челното реформаторско столче во Советот за реформи во правосудството. Одлуката токму премиерот да го води ова тело ја крена критичката јавност на нозе, која не веруваше дека може да се врати независноста на дотогаш заробеното судство така што на главното столче ќе седи самиот премиер. Сепак и покрај критиките и реакциите, Заев остана на чело на Советот за реформи во правосудството, а сега, пред вториот круг на претседателските избори, откако најави дека „ќе заигра метлата“, на јавноста и соопшти дека се откажал од оваа позиција. Иако Заев тврди дека дал оставка уште пред два месеца, овој негов чекор беше соопштен дури завчера на трибина во Куманово, кога одговараше на прашање на еден граѓанин.

„Јас од Советот за судски реформи, каде се дискутираат законите, пред два месеца си дадов оставка. Советот го води министерката за правда Рената Треневска Дескоска, и гледате не сум веќе присутен на Совет, не одам таму. Во времето кога се создаваше, мораше да се направи сублимат на сите претставници, адвокатски комори, нотарски комори, основните судови, апелациските судови, сите да имаат свои претставници. Оти, ако не беше Заев, таму ќе имаше луѓе кои немаше да донесат ништо од легислативата и законодавството. Сега тоа тело е качено на шините, носи важни закони, гледате дека законите се носат со консензус во парламентот, на најдемократски начин“, рече Заев на трибината во Куманово.

На истата трибина Заев зборуваше за метлата која ја најави, по малата излезеност на граѓаните на првиот круг од претседателските избори. Најави метла за секој кој не можел да ги слушне граѓаните и не го испорачал она што го ветил, но и за опозицијата.

„Заев не ја избрка јавната администрација, на никого не му фали влакно од главата. Ќе изметеме сѐ, Македонија ќе сјае. Ние сме добри, но не сме глупави. Ќе заметеме кај власта, но и кај опозицијата“, порача премиерот.

Сепак, од Советот за реформи во правосудството велат дека одлуката на Заев да ја напушти челната позиција од телото нема врска со метлата. Неофицијално, велат дека премиерот бил презафатен и се случувало да доцни на седниците и оваа одлука била донесена по негова проценка.

„Намерата на премиерот беше со формирањето на Советот да се интензивираат работите во правосудството. Неговата намера не беше да влијае врз одлуките што треба да ги носат обвинителите и судиите, туку напротив, да им биде добар ветер во грбот при нивното самостојно одлучување. Поставувањето себеси за прв човек на Советот, премиерот го направи од причина што претходно веќе имаше еден неуспешен обид за формирање на ваков Совет за имплементација на судските реформи. Неговото сегашно, условно заминување од челната позиција, не е ниту ново, ниту изненадувачки, дотолку повеќе што со последните неколку седници на Советот раководеше министерката за правда. Таа со начинот на кој работи покажа дека достојно ќе го замени премиерот, а и ќе ги интензивира натамошните најавени реформи, што се потврди со оценките добиени од Венецијанската комисија“, велат од Советот за реформи.

Последната критика од опозицијата за претседавањето на Заев со Советот доаѓа од опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски во интервјуто за „Независен весник“, кога јавноста се уште не беше запозната со одлуката на Заев.

„Се сеќавате дека Заев предводникот бојадисуваше и мачкаше згради – немало правда, немало мир… Две и пол години потоа судството не само што не е реформирано туку е отворено како пупка. Како ќе ги убедите граѓаните дека е навистина реформирано судството кога во Советот за реформи во правосудството, кој имал еден или два состанока, претседава премиерот на државата. Не може политичар кој има куп обвиненија во минатото денес да го реформира судството. Точно е дека тој го отвори судството како пупка, ама прашање е како сега ќе го затвориме“, рече Мицкоски.

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017 – 2020 година) беше конституиран на 28 март минатата година.Освен Заев Советот го сочинуваат и министерот за правда, заменикот министер Оливер Ристовски, јавниот обвинител  Љубомир Јовески, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, Народниот правобранител Иџет Мемети, претседателот на Здружението на судии, судијата на Врховниот суд Џемаили Саити, судијката Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд, Лидија Димчевска од Апелациониот суд во Скопје, Шефајет Хајдари од Апелациониот суд во Гостивар, Антонио Јолевски од Основното јавно обвинителство во Битола, Ристе Бојаџиски од Основното јавно обвинителство во Штип, Иван Џолев, претседател на Основниот суд Скопје 1, Илир Сулејмани, претседател на Основниот суд Скопје 2, адвокат Александар Тумановски како претставник на Адвокатската комора, професорките Гордана Лажетиќ и Беса Арифи, Жарко Хаџи-Зафиров, претставник на Блупринт групата на граѓански асоцијации за правосудство, Миодраг Лабовиќ, професор на Факултетот за безбедност -Скопје, адвокатите Звонко Давидовиќ од Скопје и Ибраим Бајрами од Тетово, Магдалена Несторовска, како претставник на Министерството за внатрешни работи, Марија Митевска од Министерството за финансии и Џелал  Бајрами од Јавното обвинителство.

Претходниот Совет беше составен од 22 члена во најголем дел надоврешни експерти, а самите членови го нарекоа  декор на Министерството за правда и Владата. Непосредно пред неговото распуштање, оставки поднесоа универзитетските професори Мирјана Најчевска и Гордан Калајџиев кои тврдеа дека Советот не ја врши работата за која е формиран, а нивните сугестии воопшто не биле земени во предвид при носењето на одлуките.  (Ф.Ф.С.)