Заев: СДСМ се демократизира од овој конгрес


Лидерот на СДСМ Зоран Заев го отвори 25. Конгрес на СДСМ, кој за првпат се одржува дигитално, на далечина со цел да се заштити јавното здравје.  Во своето обраќање,  Заев посочи дека со овој Конгрес, СДСМ покажува одговорност во заштита на јавното здравје, а истовремено ги почитува статутарните одредби и уште повеќе се демократизира.

„Во време кога ние, со целиот свет, се соочуваме со постојана борба против коронавирусот, СДСМ застанува одговорно, да направи пресек на сработеното и да ги дефинира новите стандарди, европските стандарди како задолжителни одредници и репери во своето работење. На овој конгрес, уште повеќе се демократизираме, продолжуваме да се менуваме, ја зголемувае отчетноста, преземаме храбри чекори и вложуваме огромен напор, за да обезбедиме најдобро за сите наши граѓани, за секој македоински граѓанин да живее подобро, помирно, помотивирано.

Ова е  првиот дигитален конгрес на СДСМ и првиот дигитален конгрес на која било политичка партија во земјава, целосно обезбеден со електронски начин на комуникација, преку конференциски видео врски со општинските организации. Имаме обврска да се грижиме за здравјето на граѓаните, затоа највнимателно пристапуваме и успеваме да организираме конгрес со актувно учество на сите делегати, од далечина. И на овој начин, СДСМ дава пример што значи одговорност. Институциите ги водиме одговорно, но и партијата е одговорна.

Ова е отчетен конгрес, согласно Статутот на СДСМ. Тука сме пред вас, пред делегатите кои го црпите целосниот легитимитет од сите членови на СДСМ – тука сме пред целата партија, пред сите членови и пред целиот наш народ,  стоиме со крената глава, горди и достоинствени – и зборуваме за резултати, за успеси, за подвизи, за преминати препреки и за многу победи. За многу победи на граѓаните“, порача Заев.

Заев, потенцира дека 25.конгрес е прв конгрес кој доаѓа по изборна победа на СДСМ од позиција на владејачка партија, нешто што се нема случено од 1994 година.

„Овој Конгрес доаѓа по победата на предвремените парламентарни избори на кои граѓаните повторно ни ја дадоа довербата, ни ја укажаа честа да продолжиме по вистинскиот пат. Овој Конгрес е по изборна победа на СДСМ од позиција на владејачка партија. Нешто што се случи првпат од постоењето на партијата имајќи во предвид дека во 1994 година, тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ се повлече од учество на изборите во вториот изборен круг,“ заклучи Заев.

Тој нагласи исто така дека СДСМ е првата партија во нашата земја која на следниот конгрес својот лидер ќе го бира на директни внатрепартиски избори.

– Непосредно секој член ќе може да гласа и директно да одлучува кој и како ќе ја води партијата. Таквите избори е планирано да се одржат следната пролет кога и истекува мандатот на актуелното раководство. Сакаме да обезбедиме уште поголема демократизација, инклузивност и позитивна трансформација на партијата и на органите на СДСМ – рече Заев.

На 25. Конгрес СДСМ ја впиша црвената боја како своја, посочувајќи дека тоа е „бојата на социјалдемократијата, на победата, на левицата, бојата на слободата, бојата на животот, бојата на македонската иднина“.

Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски  се осврна на измените на статутот на партијата, со кои СДСМ се потврдува како јасна и транспарентна организација која се потпира на социјалдемократската идеологија, правда и правичност.

„Во преамбулата на Статутот, покрај слободата, еднаквоста и солидарноста како основни социјалдемократски и демократијата како цивилизациска вредност, ја додадаваме и правдата. Правдата и економијата се основните обележја на трајната посветеност на нашата партија, порача Николовски.

Тој додаде дека вредностите, програмските принципи и начела на партијата ќе бидат заштитени со Кодекс за однесување на членовите  на СДСМ, Надзорниот одбор ќе биде задолжен за неговата примена, а сите членови, од партиските активисти до претседателот на СДСМ ќе бидат еднакво обврзани кон вредностите на СДСМ.

„Ние сме нова генерација на политичари кои се водат според етичкиот кодекс, политичари со висок морал, кои сами на себе треба да бидат најсилна контрола, истакна Николовски, додавајќи дека мора да ја избришеме сликата дека политичарите се корумпирани, поврзани со криминални структури. Никој да не смее да си дозволи  да го наруши  угледот и достоинството на членовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и на самата партија. Никој не смее ниту да се понадева да прекршува закони и да смета на заштита од СДСМ. Сега е време а ред, правда и дисциплина, време кога сите се еднакви пред законите. Секој еден за кој има и макар сомневања дека го прекршил законот, ќе се соочи со законот, без разлика дали е член или функционер на СДСМ, на некој од нашите коалициони партнери или е дел од која било политичка партија во државата,“ нагласи генералниот секретар Николовски.