Заев: СДСМ има уникатно право кого ќе избере од албанскиот блок


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека неговата партија има уникатно право да избере со која партија во албанскиот политички блок ќе влезе во предизборна и постизборна коалиција. Овој пристап тој го образложи во интервју за гостиварската телевизија Глоби.

„Концептот ‘Едно општество за сите’ го препознаа граѓаните и застанаа зад мене и јас сум единствен претседател на политичка партија која добива мозаик гласови“, објаснува Заев. Според него, „тоа е убавината, тоа е нашата иднина, ако сме заедно, единствени, ќе бидеме силни, моќни и успешни.

Токму затоа во СДСМ имаме уникатно право да избереме со која албанска политичка партија може да влеземе во предизборна и постизборна колација, на што ВМРО-ДПМНЕ не може ни да помисли“, нагласи Заев. Тој побара од граѓаните нов чист мандат со кои ќе ги поддржат „политиките, кои ја донесоа земјата со постигнати стратешки цели, во пријателски односи со сите, кои за 2,5 години покажаа економски резултати за почит“.

Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, вчера ја подотвори вратата за за враќање на нивната политика победник со победник. Тој толкуваше дека нивниот потег во 2016 година бил поради специфичната ситуација. „Не сакам да се повтори 2016 година, специфична ситуација, вонредна ситуација во тој момент на државата. Не би сакал никогаш да се повтори таа ситуација“, рече Ахмети.